МВР поднесе кривични пријави - оштетено ЈП Комуналец за 2,6 милиони денари

 

Секторот за внатрешни работи Велес поднесе кривична пријава против М.П.(51) и И.А.(45) двајцата од Кавадарци и С.С.(46) од село Мрежичко, кавадаречко, за сторено кривично дело “злоупотреба на службена положба и овластување“.

 

Во текот на 2014 година, првопријавениот,  како раководител во “Водовод и канализација” при ЈП “Комуналец” од Кавадарци, на четири фактури и  испратници, доставени од фирмата Трасер ДООЕЛ  - село Мрежичко, потврдил дека при изведување на работи, по добиен тендер за санирање на филтри на зафатот – водовод Лукар, била извршена набавка и транспорт на 5.000 филтерски дизни за питка вода и нивно вградување во филтри, иако наведените филтерски дизни ниту биле набавени, ниту вградени.

 

При тоа, во наведениот временски период, првопријавениот, спротивно на Законот за спречување судир на интереси, бил вработен, на дополнително работно време во фирмата “Трасер” ДООЕЛ село Мрежичко. Второпријавениот, како директор на ЈП “Комуналец” Кавадарци, и покрај тоа што знаел за истото, не избрал друга фирма за надзор над изведувањето на работите, туку дозволил надзорот да го врши М.П. Третопријавениот, како  сопственик и управител на “Трасер” ДООЕЛ, доставил за наплата четири фиктивни фактури дека извршил набавка и вградување на 5.000 филтерски дизни. Со ова, пријавените му нанеле штета на ЈП “Комуналец” од Кавадарци во висина од 2.655.000 денари - информираат од МВР.

Додади коментар