Кавадаречкиот совет ја одржа 31-та седница
24-09-2019 РЕГИОН

Едногласно советот на општина Кавадарци денеска ги усвои програмите за работа на основните и средните училишта, извештаите за нивното работење и програмите за екскурзии.

 

Претседателот на комисијата за образование, советникот Ташо Радњански го посочи проблемот со кој се соочуваат голем број од учениците, поради физичка неактивност, нагласи дека во 70 отсто кај учениците има појава на сколиоза. Апелираше поголемо внимание за корекција на овој проблем. Исто така предложи поголема активност за прераснување на ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ во средно музичко училиште.

 

Советничката Душица Крстиќ се осврна на губењето на часови за време кога наставници се отсутни од работа бидејќи се на обуки или се вклучени во програмата „еразмус“.

 

Градоначалникот Митко Јанчев рече дека општината прави максимални напори сите ученици да бидат физички активни и посочи повеќе примери во таа насока. Најави заложба следната година ООУ „Страшо Пинџур“ и ООУ „Димката Ангелов Габерот“ во Ваташа да добијат спортска сала.

 

На денешната седница едногласно беа усвоени измените и дополнувањата на програмата за комунални дејности за 2019, програмата за изработка на урбанистички планови. Се донесе одлука за висината на надоместокот за учество на есенскиот панаѓур. Со одлука на советот престана воспоставената меѓуопштинска соработка меѓу Кавадарци и Велес во областа на внатрешната ревизија.

 

Едногласно беше поддржан и годишниот план за вработување во општината за 2020 година, извештајот за работењето на ЈП Комуналец во првите шест месеци од годината, одлуките за промена на вреноста на бодот на техничкиот и помошниот персонал во Комуналец и во мини хидро електричните централи.

 

Поминаа годишниот план за вработување во домот на културата, беше именуван нов претставник на општината во управниот одбор на музеј галерија Кавадарци, а се донесе одлука и з а промена на бодот на административните службеници во општината.

 

Советот ги усвои програмата и извештајот за работењето на детската градинка „Рада Поцева“, а од управниот одбор на ЈП „Јасмин“ беше разрешен Здравко Бошков, а на негово место општината именува нов претставник.

 

Ангел Данов

Додади коментар