Заврши 51-то издание на Тиквешки гроздобер
31-08-2015 РЕГИОН

Кристијан Ивановски и Елена Радулова ја предводеа карневалската процесија од винскиот карневал што во саботата се одржа во Кавадарци, како дел од манифестацијата „Тиквешки гроздобер“. Тие кренаа здравица за успешен и бериќетен гроздобер.

Три дена Кавадарци живееше со активностите од стопанско-туристичката и културна манифестација Тиквешки гроздобер, преку која на симболичен начин се означува стартот на берба на грозје.

 

Винскиот карневал годинава беше посиромашен со карневалски поставки. Имаше само петнаесет маски. Гостите од Струмица преку својата маска „Генетски модифицирани моркови“ упатија порака дека ако штетници не јадат храна која е генетски модифицирна, тогаш како истата да ја јадат луѓето. Гостите „мечкари“ од Воден заиграа на звуците од познатата „Македонско девојче“, а присутни со своја оригинална маска беа и гостите од Лесковац- Р.Србија и од Бугарија.

 

Присутните со аплауз ја поздравија и кралицата на водите, „Кожувчанка“, карневалска поставка на истоимената компанија. Имаше и неколку други кавадаречки маски, иако изостанаа џаламарите од Бегниште и Сопот, градскиот оркестар и некои други поставки кои во изминатите години беа белег на гроздоберот.

 

Винскиот карневал заврши со спектакуларен огномет, а потоа повеќе од десет илјади кавадарчани уживаа во концертите на Црвена Јабука и Оливер Драгоевиќ, кои како што се очекуваше приредија вистинска забава и незаборавна атмосфера. До доцна во ноќта се пееа нивните хитови.

Пред почетокот на винскиот карневал во големата сала на општина Кавадарци се одржа свечен прием на гостите кои имаат соработка со Кавадарци, но и на претставници од општествено политичкиот живот во градот. Присутните ги поздравија градоначалникот Александар Панов и претседателката на советот Горица Пеливанова-Вилхелм.

 

Мислењата на кавадарчани околу годинашното издание на Тиквешки гроздобер се поделени. Едни се задоволни од содржините, други негодуваат бидејќи за прв пат годинава се одржува порано од традиционалниот датум во септември. За променетиот датум на одржување на манифестацијата забележаа и од Асоцијацијата на карневалски градови.

 

„ Горд сум што Кавадарци опстојува на својата традиција, но имаме само една забелешка, а таа се однесува на промената на датумот за одржување. Ние во асоцијацијата имаме востановено календар и сите карневалски групи претходно ги планираат своите настапи. Можеби тоа е причина што одредени групи не дојдоа денеска“ рече Александар Цицимов, претставник на бордот на Асоцијацијата на карневалски градови од која е дел и кавадаречкиот карневал.

Вчера се одржа детскиот карневал. Најмладите од основите училишта со свои каревалски поставки продефилираа низ улиците на градот.

А.Д

Додади коментар