Државата ќе даде 4 денари за вранецот и смедеревката - дполнителна субвенција и за извоз на винско грозје
08-09-2020 РЕГИОН

Дваипол часа траеше состанокот на владиниот тим предводен од премиерот Зоран Заев со лозарите во Кавадарци. Беше заклучено дека државата ќе даде 4 денари за вранецот и смедеревката како дополнителна субвенција и по два денари за килограм од високо квалитетните сорти на грозје. На состанокот,  владиниот тим на  откупувачите им понудил и нова стимулативна мерка за извоз на винско грозје.

 

„Ако се откупат 12 милиони килограми сите заедно ќе добијат 2 денари субвенција  , ако се откупени и извезени надвор од државата помеѓу 12 и 25 милиони килограми,  ќе добијат 3 денари. Ако откупат повеќе од 25 млн килограми ќе добијат 4 денари. Целта е да се стимулира и да се  извезат залихите. Верувам на тој начин ќе ги избалансираме работите“ рече премиерот Заев по завршувањето на состанокот.

 

Тој нагласи дека понудените мерки од владата до лозарите се неповторлива можност и дополнителна шанса да се помогне на производителите на винско грозје, кога ковидот создаде проблеми, но проблематичен е и квалитетот на грозјето поради болести.

 

„Дополнително субвенции ќе дадеме и  за трошоците за транспорт на вино.  Испраќам сериозен апел до визбите кои беа на состанокот и дадоа збор да си останат на 11 денари за вранец и 9 за смедеревката. Државата дополнително со 4 денари ќе си ја заврши работата. До крајот на годината ќе исплатиме по 2 денари, а  останатите   2 денари наредната година со редовната исплата на субвенциите. Ќе разговарам со менаџментот на „Тиквеш“ да изнајдеме решение,  затоа што треба сите заедно да ја пребродиме оваа криза. Најголемата визба е во ред да повлече и најголем товар“ изјави Заев.

 

Ангел Данов

 



Додади коментар