До ОИК Кавадарци доставени четири листи за градоначалник и пет за советници, во Неготино задоцнето доставена кандидатура
15-09-2017 РЕГИОН

 

На полноќ истече рокот за доставување на кандидатските листи за советници и градоначалници за локалните избори кои ќе се одржат на 15 октомври.

 

Според информациите од претседателот на ОИК Кавадарци, Зоран Костов во утврдениот рок до ОИК биле доставени пет листи за советници и четири за градоначалник.

 

„По приемот на кандидатските листи комисијата ги разгледа и кај дел од нив се утврдени мали технички недостатоци. Поднесителите имаат рок да ги отстранат пропустите. Очекуваме тоа да се заврпи во текот на денот“ рече во телефонски разговор Костов.

 

Неофицијално дознаваме дека до ОИК се доставени четири листи со кандидати за градоначалник. За градоначалничката функција од СДСМ претендира Бетиан Китев, од ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев, Борис Давидов како независен кандидат, а свој кандидат предложиле и од ТМОРО. За советничко место свои кандидати предложиле СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ТМОРО, Ристо Сакалиев и Борис Давидов како независни.

 

Од општинската изборна комисија Неготино официјални информации неможевме да добиеме. Ни беше сугерирано за информација да се обратиме покасно бидејќи комисијата работела на разгледување на доставените кандидатски листи.

 

Неофицијално дознаваме дека синоќа од ВМРО-ДПМНЕ кандидатските листи и за советници и за градоначалник до ОИК биле доставени неколку минути по истекот на законскиот рок за што наводно било изготвен и записник. СДСМ за свој кандидат го имаат Тони Делков, ВМРО-ДПМНЕ Златко Пенков, а во трката ќе учествува и независниот кандидат Ѓорѓи Ајтов.

  

Сега Општинските изборни комисии во рок од 48 часа од приемот на листата на кандидати треба да утврдат дали таа е поднесена во соодветниот рок и дали е во согласност со одредбите на Изборниот законик. Потврдените кандидатски листи треба да бидат доставени до ДИК најдоцна до 16 септември. Според Роковникот за изборни активности, жрепката треба да се одржи на 18 септември.

 

Ангел Данов



Додади коментар