Доделени седмосептемвриските награди - советот на Кавадарци одржа свечена седница
07-09-2016 РЕГИОН

По повод 72 години од ослободувањето на Кавадарци, вечерва советот на општината одржа свечена седница.

 

За работењето на советот говореше претседателката, Горица Пеливанова, а за реализираните проекти во изминатата една година пред присутните се обрати градоначалникот Александар Панов.

 

Со одлука на советот највисокото општинско признание, наградата „7ми септември“ вечерва им беше доделена постхумно на Глигор Чемерски, академски сликар, за особен придонес во ликовната уметност, на прим. д-р Бранко Поповски, гинеколог-акушер, вработен во општа болница Кавадарци за особен придонес во медицината и на Благој Пешиќ за особен придонес во развојот на стрелаштвото.

Наградите им ги врачи градоначалникот Панов.

 

Глигор Чемерски патувајќи низ светот, секаде со неговата уметност никогаш не го заборави родното Кавадарци, чаршијата роднините, другарите и пријателите. Секогаш се враќаше во него, а при отварање на неговата последна голема самостојна изложба во 2010, кога Кавадарци беше македонски град на културата, Гичо ќе рече: „Овде е мојот корен, мојата инспирација, мојата душа“. Академик Глигор Чемерски почина утрото на 2 април 2016 година во Скопје.

 

д-р Бранко Поповски  во досегашното практично искуство во работниот век има направено над 2000 големи гинеколошко- акушерски операции, 5000 мали гинеколошко-акушерски интервенции и извршено над 8000 породувања. Д-р Бранко Поповски има учествувано на повеќе конгреси со меѓународно искуство и публицирани 25 трудови од областа на гинекологијата и акушерството. 

 

Благој Пешиќ во досегашната тренерска кариера со стрелците има постигнато 37 поединечни и екипни рекорди на РМ, од кои 13 сеуште не се соборени. Најголем негов успех како тренер е учеството на Дивна Пешиќ на две олимпијади, Сиднеј и Атина, Сашо Несторов во Пекинг и Надица Апостоловска која имаше норма за Лондон 2012, но не беше пријавена од македонската стрелачка федерација. Од федерацијата повеќе пати е прогласуван за тренер на годината.

 

Ангел Данов

 

 

Додади коментар