Делата од струмичката колонија пред кавадаречката публика
08-05-2018 КУЛТУРА

 

Утревечер ,среда, 9 мај со почеток од 20 часот, во Галерија при Дом на култура “Иван Мазов - Климе“ Кавадарци ќе биде отворена изложба на дела создадени на Меѓународната струмичка ликовна колонија, која секоја година во месец август се одржува во Струмица и е една од најстарите и најпознатите ликовни колонии во Македонија.

 

Колонијата ја организира Центарот за култура “Антон Панов“ Струмица.На љубителите на уметност од Кавадарци ќе им бидат претставени дела од последното одржано издание на колонијата во 2017, а во пресрет на овогодишното.Изложбата е во организација на Дом на култура “Иван Мазов - Климе Кавадарци, а е поддржана од Министерството за култура на Република Македонија.

 

Меѓународната струмичка ликовна колонија е најстарата (во континуитет) ликовна колонија во Македонија и една од најстарите на Балканот. Во изминатите 54 години, низ оваа колонија поминале над илјада ликовни творци од сите светски меридијани, меѓу кои и големи имиња од светот на ликовната уметност, кои на Струмица , во трајна сопственост, и оставиле непроценливо богатство од околу 2500 творечки дела, изработени во разни ликовни дисциплини.

 

На колонијата во нејзиното 54 издание учество зедоа петнаесет учесници од Чешка, Полска, Турција, Бугарија, Црна Гора, Србија и Македонија а истата траеше 12 дена. Струмичката ликовна колонија нуди многу можности, покрај сликарството, вајарството, графиката исто и за мозаикот кој веќе 23 години работи во посебно студио и досега се создадени преку 70 мозаици. Струмичката колонија е единствена колонија во Македонија во која се негува оваа ликовна дисциплина.

 

М.В

 

Додади коментар