Воведена забрана за движење во шума - казни до 3000 евра

Министерството за земјоделство и шумарство од денеска воведе забрана за движење во шуми и шумско земјиште, поради појавата на шумски пожари. Забраната започнува да важи, како што се наведува, од денеска и ќе трае сè до нејзино отповикување.

 

Забраната не важи за вработените во ЈП „Национални шуми“ и субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории (национални паркови, парк-шуми, шуми со специјална намена споменици на природата и сл). За непочитување на оваа забрана на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, ќе им се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.

 

Од Министерството информираат дека исто така се забранува палење стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловиштата и друг земјоделски отпад на земјоделско земјиште како превентивна мерка за заштита на шумски пожари.

 

За непочитување на одредбите од Законот за ловството се предвидува глоба во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противвредност за прекршок на физичко лице.

 

Забраната ја спроведуваат вработените од ЈП „Национални шуми“, субјектите кои управуваат со заштитените подрачја од сите категории кои вршат дејност заштита, МВР, Шумска полиција, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Државниот инспекторат за животна средина и други инспекторати до слична надлежност.

 

Забраната не важи за движење во парк-шумата Водно, Гази Баба, како и за организирани тури на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена, националните паркови и заштитените подрачја со посебна намена во Република Северна Македонија кои ќе бидат одобрени со дозволи од соодветните субјекти кои стопанисуваат/управуваат со шумите во придружба на претставник од истите.

Додади коментар