Со претставата „Лазо“ во изведба на актерите од театарот при Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ беше затворена годинашната официјална театарска сезона. Прикажувањето на претставата имаше и по малку симболично значење а ја следеше и градоначалникот Александар Панов.
Имено во последната недела на мај 2009 година Панов имаше состанок со актерите во кавадаречкиот театар на кој се разговараше како и на кој начин да се подигне од летаргичноста театарската дејност во градот, која години пред тоа едвам им нудеше на кавадарчани премиерна претстава. На тој состанок беше договорено со помош на општината да се направат напори за заживување на театарот.
Четири години по тој состанок резултатите се видливи. Професионалните актери вработени во Домот на културата како и дваесеттината активни актери аматери на кавадаречката публика и понудија десет премиери на познати и адаптирани театарски текстови, како и пет новогодишни претстави.
Кавадаречката публика имаше можност да ги гледа претставите: Болва в уво, Петли, Џон Пиплфокс, Дупло Дно, Хамлет од Долна Бошава, Ицето и Јулето, ЦСИПИ, Газда Страшо, последната претстава Лазо, како и култниот текст на Нушиќ, Госпоѓа министерка, прикажан во чест на јубилејот на актерката Милица Гочевска во која бриљираше. Беа ангажирани како гости режисери Мите Грозданов и Витанов. Претставите имаа извонредна гледаност пред преполн салон,а постигнаа успех на гостувањата во останатите македонски градови како и на театарските смотри во Кочани.
Зборувајќи за овој препород на кавадаречкиот театар, градоначалникот Александар Панов се потсети на средбата со актерите од пред четири години и постигнатите резултати во годините потоа. Упати јавна честитка до актерите и домот на културата, искажа задоволство од нивниот ангажман кој придонесе публиката во Кавадарци повторно да ја почуствува магијата на театарот.
Во изјавата за медиумите јавно порача дека сега е време тој и општината да го заокружат проектот театар со професионално ангажирање на дел од актерите кои активно и безрезервно учествуваа во ренесанста на дејноста во Kавадарци. Сега се поставени оновите за полупрофесинална театарска куќа, а ентузијазмот да биде награден со работен ангажман на млади актери.
Додади коментар