Локален Музеј – галерија Кавадарци, презентира дел од движното културно богатство на најзначајните манастирите цркви во кавадаречко и тоа: Св. Ѓорѓи – Полошки манастир, Св. Никола – Моклишки манатир и Св. Архангел Михаил – Бошавски манастир, преку изложба на фотографии, иконопис и резба, насловена како “Манастирски бисери“. Изложбата беше отворена во музеј галеријата.
Манастирските цркви, како упоришта на монашкиот живот од секогаш предизвикувала интерес со својата историја, материлална и духовна култура. Подигнати од вештите раце на нашите неимари, зографи, иконописци и копаничари од секогаш претставувале наша гордост и потврда на нашата самобитност.
Средновековните манастири во Р. Македонија и движното културно наследство што го поседуваат се одраз на религиозната традиција и богатиот народен дух, инспириран од православната вера и уметничките квалитети на нашиот народ.
Интензивниот црковен живот во средновековниот период овозможил да се развие и богата уметност која во суштина е изразито христијанска. Изградбата на црквите и манастирите, нивното живописување и иконописот во нив претставуваат свидетели за творечката, креативна и духовна сила на нашиот народ во текот на историја.
Кавадарци и Тиквешијата се составен дел на огромната културна ризница што ја има Р. Македонија на цркви, манастири и црковен мобилијар.Ова значајно движно и недвижно културно наследство го вбројува нашиот народ во ретките творци неимари – градители, живописци и иконописци како кај нас така и надвор од нашата држава.Појавата на христијанството во Тиквешијата има долга и богата историја и традиција. Меѓу најстарите и најзначајни црковни и манастирски комплекси, бисери во Кавадареечко и пошироко се: црквата Св. Ѓорѓи – Полошки манастир од 14 век, црквата Св. Никола – Моклишки манатир од 16 век, и црквата Св. Архангел Михаил – Бошавски манастир од 19 век. Црквите и манастирите во Тиквешијата како центри на духовната култура имале мошне голема улога и во ширењето на описменувањето и образованието на луѓето од овој крај. Тие биле седишта на првите ќелијни училишта во овој дел на Македонија. Појавата на првите ќелијни училишта во тиквешкиот крај датира од триесетите години на 18 век, најнапред во Полошкиот а подоцна и во Моклишкиот манастир. Манастирските конаци во тиквешките манастири располагале и со богати библиотеки во кои имало богат фонд на црковни книги и стари ракописи.Полошкиот манастир - Св. Ѓорѓи располагал со богата библиотека која имала околу 50 товари книги, а Моклишкиот манастир - Св. Никола библиотека со околу 20 товари книги и стари ракописи. Со текот на времето овие богати библиотеки биле запустени.Црквите и манастирите во Тиквешијата се места каде биле напишани и издадени првите литературни и духовни дела од овој крај. Така свештеникот Симеон од Бошавскиот манастир Св. Архангел Михаил во 1632 година напишал книга со интересни метеоролошки податоци. Тоа заедно со Тиквешкиот зборник пронајден во селото Мрзен Ораовец претставуваат најстарите зачувани писмени материјали за овој крај. Во истиот манастир во 1740 година свештеникот Христо Грамотик од с. Конопиште напишал книга посветена на игуменот Калиник од Бошавскиот манастир. Оваа книга била со поучни содржини и денес истата се наоѓа во Народната библиотека во Белград. Денес состојбата на манастирите комплекси и цркви во кавадаречко е на задоволително ниво, бидејќи покрај службените црковни лица за нив се грижат домакини, домари на истите.
Автор на текстот: Весна Ѓорѓиева
директор на Музеј Галерија Кавадарци

Додади коментар