„СДСМ не се откажува од петте основни барања кои нудат решавање на проблемите кои ги тиштат граѓаните во Македонија. Бараме техничка влада за да имаме фер, регуларни и демократски избори“ ова меѓу другото синоќа го рече пред кавадарчани на трибина, лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Тој се осврна на актуелните политчки случувања во земјата и обвини дека секој нареден чекор на актуелната власт бил нова бездна. Обвини дека власта извршила целосна окупација на државата. Медиумите биле под контрола на власта, а повеќе немало државни институции туку партиска администрација.
На нашето прашање кога може да се очекува да одекна „бомбата“ што неодамна ја најави, Заев одговори дека се чекаат услови за да имало ефект од аргументите и доказите кои ќе се објават против власта.
„Точно е дека ова најава за аргументите и доказите кои се во рацете на опозицијата предизвикува одредено внимание. Согласно нашата стретегија, тие ќе бидат објавени. Сите знаат како заврши објавувањето на снимката од Македонска банка. Затоа кога граѓаните бараат Заев и опизицијата да ги соопштат аргументите и доказите истите тие ќе ги соопштиме тогаш, кога ќе има услови за успешен ефект за тоа што ќе биде објавено. Не брзаме никаде. Мора да водиме грижа и за државата не е само да се објави нешто што не чини за власта, ако притоа остава трага врз Македонија, тогаш не би биле чесни кон нашата држава“ рече Заев.
Тој говореше за лошите состојби во земјоделството. Рече дека власта делела субвенции најмногу на своите членови, се манипулирало со корисниците на социјална помош. Потсети дека во 2005 година килограм смедеревка се откупувал по 13 денари, а кратошијата по 15 денари. Им сугерираше на кавадарчани сами да си погледнат со своите души за да се уверат дека денеска тешко се живеело во државата.
„Дебата нема на телевизија, нема помеѓу политчките партии. Дебата мора да има за да се напредува, да се натпреваруваме со идеи, да зборуваме за тоа што не тишти. И најтврдокорните во ВМРО-ДПМНЕ знаат дека работите во државата не ни чинат. Сите знаеме дека насекаде се чувствува демонстрација на сила и моќ . Наместо власта да се плаши од народот, кај нас народот се плаши од власта“ рече Заев и нагласи дека трибините што ги организира СДСМ имаат токму за цел да се отвори дебата за се што нечини во државата, а искажа заоволство од големиот одѕив на граѓаните. Пред кавадарчани синоќа говреа и претседателскиот кандидат на последните избори на СДСМ, Стево Пендаровски, лидерот на НСДП-Тито Петковски, по што граѓаните имаа можност да поставуваат прашања за актуелни случувања.
Aнгел Данов
Додади коментар