Спречен шверц на мобилни

Царинските службеници од Аеродромот Александар Велики во Скопје, во координирана акција со Министерството за внатрешни работи спречија обид за шверц на 440 мобилни телефони.

На 17.05.2013 година, на Аеродромот Александар Велики со лет од Истанбул пристигна косовски државјанин кој на царинските службеници им пријави дека со себе носи стока – мобилни телефони која сака да ја стави во соодветна царинска постапка. Пратката е ставена под царински надзор, а три дена подоцна со соодветни царински документи е пријавена за извоз кон Косово. 

Инаку, патникот е претходно посочен како ризичен  од страна на полицијата.

Пред да ја ослободат стоката, царинските службеници извршија детален преглед споредувајќи ја фактичката состојба со приложените документи. Притоа, утврдено е дека пратката се состои од 440 мобилни телефони, од кои 242 телефони НОКИА -101 воопшто не се пријавени во царинските документи, а за останатите 198 мобилни постои сомнение дека повредуваат права на интелектуална сопственост. 

Пријавената вредност на мобилните телефони изнесува 11 илјади американски долари, но доколку би се продавала како оригинал вредноста би достигнала околу 60 илјади американски долари.
       
Стоката е задржана, за делот од пратката за кој постои сомнение дека повредува права на интелектуална сопственост е отпочната постапка за утврдување на нејзината оригиналност, а против  сторителот е поведена прекршочна постапка пред Комисијата за одлучување по царински прекршок.



Share

Додади коментар