Изложба на дела од ликовната колонија „Вила Тодоров-Кожув“
18-10-2013 КУЛТУРА

Триесет и седум дела создадени од рацете на 12 млади уметници од Кавадарци и Македонија, инспирирани од убавините на Кожув планина,  се дел од ликовната изложба „Вила Тодоров-Кожув“ , дела создадени на истоимената ликовна колонија, што се одржа во средината на август. Од вечерва овие дела се достапни за кавадаречката ликовна публика. Изложбата е отворена во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во рамки на манифестацијата „Кавадаречка културна есен“.

 

„Не случајно Кавадарци е град на ликовната уметност, град на културата. Град на Петар Мазев,  Глигор Чемерски, Симон Шемов и многу други познати ликовни уметници. Има фамилии  во Кавадарци кои ја сакаат ликовната уметност,  кои вложуваат и од своите материјални добра за културата. Сопственикот на КТВ телевизија, Марјан Тодоров  е организатор и донатор на ликовната колонија „Вила Тодоров- Кожув’  која се одржува во неговиот објект на скијачкиот центар Кожуф“ рече на отворањето на изложбата вечерва директорот на Домот на културата, Владимир Темков.

 

Академскиот сликар Ристо Соколов-Сколов десет дена го споделуваше своето искуство со младите уметници. Им помагаше со совети да создадат дела кои вечерва добија високи оцени.

 

„Младите уметници, учесници на колонијата беа максимално расположени за творење и дружење. Ни во еден момент не се почувствував како стар помеѓу нив. Тие 10 дена беа прекрасни за работа. Уметниците се вклопија во природата. Има многу техники, многу начини на работа. Ако имаш слобода ќе направиш квалитетни дела. Им благодарам на младите што направија вакви прекрасни дела“ рече Соколов и нагласи дека со задоволство ќе учествува и на следната ликовна колонија.

 

Изложбата ја отвори градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов кој посака ликовната колонија „Вила Тодоров-Кожув“ да има континуитет и да прерасне во меѓународна колонија и ја вети подршката на локалната самоуправа за такво нешто.

„Гледам еден богат колорит кој што е пренесен од нашите планини. Искрена моја желба е ова колонија да продоложи понатаму. Локалната самоуправа е спремна да помогне во наредните организации, колонијата да добие меѓународен карактер и да се промовираме секаде низ светот“ рече Панов.

A.Д



Share

Додади коментар