Делата на Соколов пред велешани
27-09-2013 КУЛТУРА

Велешани во ликовниот салон ја имаат можноста да ги погледнат делата од последниот ликовен циклус „Некогаш и денес“ на ликовниот ументик Ристо Соколов-Сокол. Изложбата беше отворена синоќа, а делата претставуваат неверојатен спој на неговата оригиналност и природните материјали кои Соколов ги користи при креирањето.

За него изложбата во Велес рече  дека претставува исклучителен предизвик, особено што од неа започнува претставувањето на неговата уметност во повеќе престижни галерии низ Македонија и низ неколку европски држави.. Изложбата во велешкиот Ликовен салон е под покровителство на Министерството за култура на РМ .

Авторот се јавува како иноватор во техничка и материјална смисла, создавајќи ликовна уметност на начин како тоа го правеле старите мајстори, надоградувајќи го сето со сопствен оригинален и имагинативен набој, редок на македонската ликовна сцена. Кал, песок, трска но  и камења  се  дел од работниот материјал кој што го користи Соколов во создавањето уметнички дела.

„Живеам за уметноста и постојам неа да ја предадам на оние кој ја чувствуваат“ рече  Соколов.

Тој  е роден 1957 година во с. Дреново. Училиште за применета уметност завршува 1978 во Скопје. Факултет за ликовни уметности Скопје на отсекот за графика кај професорот Димитар Малиданов и графички дизајн кај професорот Костадин Танчев Динка завршува 1988, како студент на генерацијата на отсекот графика.

Има зад себе над петнаесет самостојни изложби во Македонија и странство, а е познат како врвен изведувач на ликовни перформанси и ентетриерен дизајнер и изведувач. Низ годините наназад организатор е и ликовен координатор на најпознатите кавадаречки ликовни колонии, а моментално ја координира Меѓународната ликовна колонија “Хотел Фени“ во Кавадарци, која годинава успешно се одржа по шести пат.

Член е на ДЛУМ, еден е од основачите на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци, чиј актуелен претседател е во моментот. Живее и работи во Кавадарци како самостоен ликовен уметник.

Ангел Данов



Share

Додади коментар