Ден по полното со емоции отворање, несомнено останува впечатокот дека авторот Гордан Ристовски не згрешил што својата премиерна изложба во првата од своите „Две татковини“ реши да ја реализира во родното Кавадарци, кое по Цирих, Берн, Штанс, Базел, Нови Сад, Бачка Паланка, Крагуевац и Ужице конечно ги вдоми фотографиите на Гого, кој и без многу зборови им кажа многу на своите пријатели, временски сопатници, роднини, но и почитувачи на фотографијата кои синоќа ја исполнија Галеријата при Домот на културата „Иван Мазов - Климе“.
Актерот Александар Малинков и претседателот на Фото сојузот на Македонија, Боро Рудиќ ја имаа честта со своите пригодни говори да не воведат во изложбата преку запознавање со ликот и делото на Гордан Ристовски за кој рекоа: „Повеќе од триесет години Гордан Ристовски ја слика природата, најчесто како патник на моторцикл. Неговите средства за изразување се црно белата и фотографијата во боја, со што успешно докажува дека за правиот посветеник не е битен техничкиот туку творечкиот момент, како и дека е можно да се премине канонската поделба. Фотографот одбира места на кои природата се покажува како огромна, моќна и несовладлива, дури и застрашувачка, што на фотографиите им дава застрашувачки елемент, некоја притаеност и претпазливост“.
Изложбата на Гордан Ристовски ќе остане отворена за кавадаречката јавност се до 30ти мај.
Додади коментар