Вечерва градскиот базен во Кавадарци е местото кое ќе ги собере љубителите на рок музиката на едно место. Таму вечерва се одржува третото издание на „Т`к так фестот“, фестивал што се одржува во чест на Трајко Каров, легендата на кавадаречката и македонската рокенрол сцена, човекот на кој рокенролот му беше живот.
Тој пред четири години замина за навек, и тоа од неговото омилено место, од големата сцена, седнат зад тапаните кои за него беа истото што и рокенролот.
Неговиот брат, Бубо Каров вели, „Трајко е можеби еден од ретките кои свиреа со речиси сите имиња кои што се појавиле на македонската рок сцена, почнувајќи од „Трн во око“, битолските „Мадригали“, „Триангл“, „Автограм“ па се до „Студени нозе“ и неговиот последен проект „Багаж“.
Четири години подоцна, идеалот на Трајко Каров, човекот кој не само што со своите песни ја задолжи македонската рок сцена, туку и остави неверојатен број на свои ученици, следбеници и рокери сеуште живее, и тоа преку во моментот единствениот демо фестивал во земјата, „Т’к Так Фест“.
„На тринаесте бендови кои во претходните две години настапија на фествалот, годинава ќе им се придружат уште седум нови, со што ја продолжуваме идеологијата на патронот на фестивалот за промоција на бендовите кои тешко „излегуваат“ од „гаража“ , рекоа организаторите.
Вечерва на градскиот базен во рамки на Т`к так фест покрај демо бендовите кои ќе се борат за Гран При наградата „Трајко Каров“ која е во висина од 30.000 денари, а ја обезбедува семејството Карови, во ревијалниот дел публиката ќе има можност да ги види и слушне „Џоа бенд“, „Репортерс“, „Ептен“, „Нокаут“, DJ Freak, DJ Lako и најголемиот шоумен во земјава во моментот, Сашко Коцев.
Додади коментар