Утре во Кавадарци ќе се одржи манифестацијата „Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll“
14-09-2017 РЕГИОН

 

Во петок на 15 септември 2017, во Кавадарци ќе се одржи манифестацијата “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll – 25 години од првиот Тиквеш Рок Фест“. Како организатор се јавува Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, а манифестацијата е во рамките на “Нов културен бран 2017“ со подршка на Министерството за култура на Република Македонија.

 

Содржински манифестацијата ќе донесе: 16.30 часот – Мастер клас по џез и рок бас гитара и контрабас на дипломираниот џез контрабасист Петре Ангелов Фиш; 19.00 часот – Трибина насловена како: “Рок музиката во Кавадарци “; 21.00 часот – Рок концерт со првата лига на кавадаречката рок сцена - рок бендовите “Leksikon“, “Bad-Ass-All“ и “Smoke Shakers”. Целата содржина ќе се одвива на “Паркот на револуцијата“ во Кавадарци Како дојде до организација на оваа манифестација? Во 1992 година во Кавадарци се одржа првото издание на “Тиквеш Рок Фест“, на кое учество зедоа 11 рок бендови од Кавадарци и еден од Неготино. Победник беше бендот “Skylab” од Кавадарци, а гости беа “Зијан“ од Гевгелија, “Боб Рок“ и “Александрија“ од Штип.

 

Остатокот од приказната за овој култен кавадаречки рок фестивал ќе биде раскажан во петок, на 15 септември 2017, на манифестацијата “Кога Кавадарци свиреше Rock’N’Roll – 25 години од првиот Тиквеш Рок Фест“. Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, кое се јавува како организатор на манифестацијата, постои пет години и во своето досегашно делување, меѓу другото, стои зад шест изданија на Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“, посветена на легендата на кавадаречката урбана сцена Дејан Костов Лиса и зад две изданија на Меморијалната манифестација “Пријателите за Ристо“, посветена на еден од најголемите кавадаречки и македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол.



Share

Додади коментар