СДСМ: Бегалци во Кавадарци ниту имало ниту ќе има - тие се само плашило на ДПМНЕ
06-09-2017 РЕГИОН

 

Почитувани сограѓани, изминативе месеци заедно со вас ја подготвуваме програмата за локалните избори. Во неа се вметнати реалните проблеми и потреби на сите граѓани на Кавадарци.

 

За 10-тина дена нашата програма ќе ја презентираме пред вас граѓаните. Нашата цел е оваа кампања да биде натпревар на идеи и проекти од кои бенефит ќе имаат сите граѓани на Кавадарци. За жал нашиот политички противник, во очаен обид да ги сокрие своите криминали и неуспеси од владеењето во изминатите 11 години, се обидува во јавноста да наметне измислени теми за некакви бегалци. ВМРО-ДПМНЕ ги лаже граѓаните. 

 

Во Македонија во моментов ниту поминуваат бегалци, ниту пак се очекува бегалска криза во периодот кој следува. Во Македонија ниту има бегалци, ниту ќе има станови за бегалци. Никој, ниту Мининстерството за Труд и Социјална Политика, ниту општините нема да градат станови за бегалците. Ќе има станови за социјални случаи, за граѓани на Македонија, а не за бегалци кои немаат никаков интерес да остануваат тука. Во недостиг на програма, но и соочени со неисполнетите ветувања за Кавадарци, ДПМНЕ реши својата кампања да ја заснова на страв и манипулација со граѓаните. Но, тоа одамна веќе не поминува кај граѓаните на Кавадарци.

 

И самите тие не веруваат во овие лаги дека некакви бегалци ќе се населат во Кавадарци. Но, се надеваат дека со ваквото ширење страв можеби ќе успеат да придобијат глас повеќе. Почитувани сограѓани, овие избори ќе бидат избор помеѓу тоа дали ќе го опростиме криминалот на Груевски и на локалните функционери на ДПМНЕ, кои изминативе 11 години енормно се збогатија на сметка на осиромашениот народ, или ќе избереме европска иднина, со повисоки плати, поголема слобода, и подостоинствен живот.

 

Следниот период, од страна на ДПМНЕ, во јавноста ќе бидат ширени многу лаги, невистини и дезинформации. Но, таквата негативна кампања на ширење страв и омраза, ќе им се удри како бумеранг. Граѓаните сакаат идеи и проекти. Граѓаните сакаат нови улици, нови тротоари, почист град, подобро осветлување, поевтина енергија, подобри услови за своите деца, подобро платени работни места. Нашата кампања ќе се фокусира токму на тоа! На реалните проблеми на граѓаните, на тоа како да го подобриме нивниот живот, а не на ширење страв и лаги за некакви бегалци! -  се вели во писменото обраќање од општинската организација на СДСМ Кавадарци.



Share

Додади коментар