РФМ се откажа од помошта од Владата, а дополнително донира 10.000 евра за борба против ковид-19!

Раководството на Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) одлучи да не ја користи финансиската поддршка за тринаесет свои вработени во спортската администрација за месеците април и мај 2020 во износ од 14.500 денари по вработен понудена во уредбата на Владата од 4 април 2020 година.

 

   „Ракометната Федерација на Македонија ќе ги задржи на своите работни места сите административци, а при тоа висината на нивниот личен доход, независно од одложувањето на сите ракометни активности, ќе остане иста како во месец февруари 2020 година.

 

   Со оглед на тоа дека тековните ракометни активности за март и април годинава се одложени поради здравствената криза, а за истите федерацијата веќе имаше резервирано финансиски средства, Управниот одбор на РФМ одлучи тие средства да се донираат.

 

   Износот од 615.000 денари ќе биде уплатен од страна на Ракометната Федерација на Македонија на наменската сметка на Министерството за здравство за справување со здравствената криза предизвикана од вирусот ковид-19. Ракометната Федерација на Македонија љубезно апелира до целата македонска јавност да се следат и најодговорно да се почитуваат препораките на Министерството за здравство преку нивните официјални канали на комуникација http://zdravstvo.gov.mk/korona-virus/ со цел побрзо да се вратиме на активностите кај нашиот спорт број еден - ракометот.

 

   Во оваа прилика, би сакале да упатиме голема благодарност до сите здравствени работници во земјава, до медицинските сестри, хигиеничарите, продавачите на пазарите и во супермаркетите, фармацевтите и техничарите во аптеките, транспортерите, пекарите и сите останати кои во овие специфични услови придонесуваат за непречено опслужувањето на основните потреби на сите домаќинства. Ја користиме оваа прилика и да упатиме искрени желби за добро здравје до сите македонски граѓани“, се вели во соопштението на Ракометната федерација на Македонија.

 



Share

Додади коментар