Променливото време и понатаму негативно се одразува врз земјоделските култури

Лозарството, овоштарството, градинарството и останатото земјоделско производство се соочуваат со големи проблеми поради глобалните климатски промени. Стручњаците нагласуваат дека во текот на интензивна вегетација, во периодот на оплодување на земјоделските производи драстични промени на температурата ќе имаат негативен одраз по растителното производство.

 

„Дваесетина степени преку ден, а десетина степени во текот на ноќта. Изразена нестабилност која често е причина за врнежи од град. Во еден два дена ги имаме сите четири годишни времиња. Сето тоа е голем проблем за земјоделското производство. Сега е потребно земјоделците, пред се лозарите да посветат поголемо внимание кон своите насади. Да ја следат состојбата со развојот на болести и да се врши редовна заштита„ рече проф. Д-р Ристо Вучков.

 

Тој додава дека нестабилното време ќе продолжи и во нардниот период, а не е исклучена и можноста за врнежи од град, бидејќи преку ден имаме високи температури, а во ноќта пониски.

 

Според прогнозата на УХМР и во наредните денови се очекуваат врнежи од дожд но и пад на температурите.

Под влијание на влажен бран, утре и во сабота времето ќе биде облачно со врнежи од дожд и појава на грмежи. Пообилни врнежите ќе бидат во петок во вечерните часови, особено во западните и јужните делови и се очекува да наврнат и над 30 л/м2. Во сабота дневната температура ќе опадне за 5 до 6 степени, а од недела се очекува стабилизирање со пораст на дневната температура.

 

А.Д

 



Share

Додади коментар