Повеќе значајни одлуки донесе кавадаречкиот совет на денешната редовна седница
29-01-2021 РЕГИОН

Едногласно советот на општина Кавадарци на денешната редовна седница го усвои кварталниот извештај за извршувањето на буџетот во четвртиот квартал од минатата година. Остварувањето на вкупните приходи по сите основи за периодот од  01.01.2020-31.12.2020 година е во износ од 779.721.235 денари  или 82,51% во однос на планираните 944.989.000 денари.

 

Советот донесе одлука и за утврдување на изгледот на фасади на колективните станбени објекти на подрачјето на општина Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев ги информираше советниците дека со оваа одлука и со досега сработеното се реконструираат фасадите на сите згради во Кавадарци изградени во осумдесетите и деведесетите години од минатиот век.

 

„Опфатени се сите згради кои имаа потреба од освежување на фасадите“ рече Јанчев и најави дека со нареден буџет ќе се планира и енергетска ефикасност на истите.

 

На денешната седница се разгледа и информацијата за утврдување на правен статус на бесправните објекти во општина Кавадарци. Комисијата за урбанизам донесе заклучок со кој се задолжуваат формираните комисии за спроведување на легализацијата на дивоградбите  да постапат по доставените барања од имателите на бесправните објекти и доказите за приклучок на комунална инфраструктура, а доколку бесправниот објект нема инфраструктурни приклучоци да достават изјава заверена на нотар дадена под кривична и материјална одговорност со која барателот ќе потврди дека бесправно изградениот објект е изграден пред стапување во сила на Законот за постапување со бесправно изградени објекти, со што барателите ја превземаат на сопствена одговорност дека дивоградбата за кој е поднесено барањето е изградена пред влегување во сила на Законот. Во овој заклучок исто така се нагласува дека сателитските снимки од Google earth не се докази кои што се бараат во управнатапостапка и да не се постапува по нив.

 

Едногласно советот ја донесе и одлуката за опремување на детски игралишта на повеќе локации во општина Кавадарци. Градоначалникот Јанчев најави подигање и на нови зелени површини и за детски игралишта во буџетот се резервирани 12 милиони денари.

 

На седницата Јанчев искажа благодарност на дирекцијата за одземени предмети за донираните две возила  кои ќе се користат за потребите на инспекциските служби на општината и на ЈП Паркинг, како и на дирекцијата за заштита и спасување за донираните спасувачки системи за против пожарната единица во Кавадарци. Градоначалникот нагласи дека кавадаречката противпожарна единица е една од најопремените во земјава. Оваа единица доби донација возило Лада нива од општата болница.

 

На денешната седница која се одржа преку видео конференциска врска беа донесени и повеќе одлуки, а беа прифатени и годишните планови за вработување во општината и институции во надлежност на општината.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар