Одбележани 74 години од формирањето на партизанскиот одред „Добри Даскалов“
15-05-2017 РЕГИОН

 

Со полагање цвеќе на спомен костурницата вчера боречките организации од Кавадарци и Неготино одбележаа 74 години од формирањето на тиквешкиот партизански одред „Добри Дасаклов“, една од најголемите и најборбените партизански единици во тој период во земјава.

 

За дејствувањето на одредот говореше директорот на музеј – галерија, Петре Камчевски, кој нагласи дека Кавадарци во 1941 година бил меѓу малкуте градови со свој партизански одред.

 

„ Најголем дел од борците биле од Кавадарци и Неготино, кавадаречките села Ваташа, Шивец, Радња, но имало и борци од Велес и од Скопје. Го викале Тиквешки партизански одред, бидејќи скоро 90 проценти од борците биле токму од овој крај. Одредот го добил името „Добри Даскалов” по предлог на Димката Ангелов Габеро, со што јасно ставил до знаење дека борците ја продолжуваат борбата на некогашните илинденци.  Штабот на одредот го сочинувале Димката Ангелов Габерот, политички комесар, Никола Минчев Јане, командант на одредот, Лазар Калаџиевски Добри, заменик-командант и Петар Пепељуговски, заменик-политички комесар. Како што истакна Камчевски, уште истиот ден одредот ја почнал првата акција во селото Ресава.  Следувале неколку успешни акции, меѓу кои една во селото Гарниково на 17 мај и другиот ден во селото Бојанчиште, каде биле убиени осум бугарски полицајци, а на селаните им била вратена претходно одземената стока“ рече Камчевски и се осврна на акциите кои се воделе кај пограничните караули Шаренка и Порта, како и тие во селата Драгожел, Шешково, Праведник, Галиште и Драдња. Овие акции предизвикале бес и револт кај бугарскиот фашистички окупатор кој организирал голема јунска офанзива со околу 12 илјади војници, полицајци и две контрачети.

 

Загинале и командирот на првата чета Ило Виларов од Неготино, Пано Мударов и активистот од селото Галиште, Стојан Крстев.

 

– На 13 јуни 1943 година бугарите стрелале неколкумина родители на партизаните од селото Шивец, а стрелале и две постари жени, мајки на револуционери од Кавадарци, Фруса Чедомирова и Рајна Соколова. Исто така со бомби биле разурнати неколку куќи во Кавадарци, Ваташа и во други села од Тиквешијата. Меѓутоа кулминацијата на сите овие ѕверства бил на 16 јуни, со стрелањето на дванаесетте ваташки младинци од селото Ваташа, рече Камчевски.

 

Одредот во помали групи се префрлил во Егејска Македонија во реонот на Зборско, каде биле организирани неколку курсеви за ракување со оружје и неколку тактички вежби со борците. Едни помали групи од одредот заминале во Тиквешијата и вршеле помали акции, а со одлука на Главниот штаб на НОБ и партизанските одреди на Македонија, на 24 септември 1943 година од одредите „Добри Даскалов”, гевгелискиот одред „Сава Михајлов”, како и од делови од битолскиот партизански одред „Гоце Делчев”, бил формиран батаљонот „Страшо Пинџур”, втората поголема регуларна единица во Македонија. Само триесетина дена покасно, од дел од тиквешките борци бил формиран уште еден батаљон, вториот батаљон на третата оперативна зона. Овие два батаљона претставувале јадро од кое била формирана прославената Втора македонска народноослободителна ударна бригада.



Share

Додади коментар