Одбележани 72 години од стрелањето на 12-сте ваташки младинци
16-06-2015 РЕГИОН

72 години од ѕврерското убиство на 12-сте ваташки младинци се одбележаа во Моклиште. Роднини на стреланите, градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов, претседателката на советот Горица Пеливанова-Вилхелм, советници, делегации од сојузот на борци, АРМ, политчки партии и жители на Ваташа денеска се поклонија  и положија свежо цвеќе на споменикот во Моклиште.

За ѕверството што го извршил бугарскиот окупатор историски  час одржа професорот Мики Камчевски.  

„Денес ваташани со задоволство и гордост се потсетуваат на своите славни херои, но еден од тие спомени предизвикува горчина во нивната душа и немир во нивните срца, а тоа е споменот на стрелањето на 12-те ваташки младинци од страна на бугарскиот фашистички окупатор, еден од најкрвавите настани за време на Втората светска војна во Македонија“ рече Камчевски

Градоначалникот Александар Панов нагласи дека крвавиот настан во Ваташа и Тиквешкото востание се голем доказ на пожртвуваноста на нашите предци за својата држава. Тој апелираше до политичките чинители наместо личните и партиските интереси секогаш да ги гледаат првенствено интересите на државата.

Учениците од ООУ „Димката Ангелов Габерот“ Ваташа изведоа културно уметничка програма со пригодни рецитали и песни. Професорката во пензија Марика Гркова Ѓорѓиевска,  која имала само седум години кога се случил колежот во Ваташа,  со многу емоции ја интерпретираше поемата „Зора в гробје “ од Лазо Каровски.

Ангел Данов



Share

Додади коментар