МОН: Не укинуваме ниту една научна дисциплина, нашите ученици треба да се стекнат со сите знаења и да научат да размислуваат

Реформите кои се подготвуваат во основно образование не значат укинување на ниту една научна  дисциплина. Напротив, со нив се подобрува концептот на кој учениците ќе ги изучуваат сите предмети. Новото основно образование на ученикот ќе му даде целосна слика за одреден настан или тема, што се постигнува со интердисциплинарен и интегриран пристап, односно поврзување на информациите од повеќе предмети. Ваквиот пристап им овозможува на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста и да ја согледаат смислата на она што го учат.

 

Министерството за образование и наука ги основа овие реформи врз современи концепти и приоди, а со цел учениците да се стекнат со знаења од сите области - историја, географија или содржини од друга научна дисциплина. Но, тоа ќе биде на начин прилагоден на нивната возраст, начин кој ги руши строгите граници меѓу дисциплините и го претставува светот, процесите и појавите во нивната поврзаност и единство. Ваквите наставни планови успешно функционираат во речиси сите земји во Европа, Америка, Австралија, односно во наставниот план на ИБ програмата.

 

Во овој момент, пред јавната расправа се зборува и презентира Концепт. Конкретните наставни програми во кои ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование) ќе бидат дефинирани понатаму. Во овој процес, при изработката на наставните програми, ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области.

 

Согласно истражувањата, извештајот на ОЕЦД за нашата земја како и резултатите од меѓународните студии, постигнувањата и знаењата на нашите ученици се меѓу најниските на листата на учесници во тие студии. Ова е директна последица на начинот на кој е оформен образовниот систем. Учениците учат факти, не умеат да ги поврзуваат информациите и знаењата од различните дисциплини што ги добиваат преку изучувањето на различни наставни предмети во основното образование. Затоа е особено важно да се промовира учењето преку истражување кое е можно единствено преку интеграција и интердисциплинарно изучување. Тоа е начинот да го подобриме образованието и негуваме креативни и иновативни ученици - стои во соопштението од МОН.



Share

Додади коментар