Лозарите добиваат ново здружение
16-01-2018 РЕГИОН

 

Ново здружение добиваат кавадаречките лозари кое ќе работи на остварување на нивните интереси. Незадоволни од досегашното работење на „Агротиквешија“ се отпочна постапка за формирање на нова невладина организација која ќе се бори лозаропроизводителите полесно да ги остварат своите права, како со пласманот на грозјето, така и со неговата наплата од винариите.

 

Трајче Кулев, лозар од Кавадарци, беше едногласно избран за прв човек на здружението. Кулев е човекот кој вчера го организираше протестот пред „Стефани винарија“ поради неплатено грозје предадено во 2015 година.

 

Во телефонски разговор Кулев ни рече дека здружението ќе се занимава исклучиво со проблемите на лозарите и никако нема да се дозволи политика да навлезе во него како што тоа беше случај со „Агротиквешија“.

 

„Лозарите присутни на синоќешниот состанок ми дадоа подршка да ги предводам во новото здружение, кое го формираме за полесно да ги решаваме проблемите кои се натрупаа изминативе години. Ни претстојат активности за регистрација на здружението. Откако ќе ја завршиме правната процедура ќе делуваме на терен, со цел лозарите да бидат достојно претставени и нивните ставови да стигнат до надлежните. Нема да дозволиме ниту еден претставник од раководството да внесува политика во здружението, бидејќи така нема напредок“ рече Кулев.

 

Првенствено здружението ќе се бори сите лозари да си ги добијат парите за грозјето предадено во минатите години, но и ќе дејствува за законски измени за поквалитетно остварување на правата на лозарите.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар