Кавадарци го празнува Митровден
08-11-2014 РЕГИОН

Кавадарци денеска го празнува својот заштитник и патрон Св.Димитриј или Митровден. По повод овој голем христијански празник света божествена литургија беше  отслужена во црковниот храм Св.Димтриј. Со литургијата чиноначалствуваше  неговото правосвештенство митрополитот дебарско кичевски господин  Тимотеј во сослужение со митрополитот повардарски господин Агат Ангел и митрополитот господин Јосиф. Веднаш после богослужбата се освети  вода, а се кршеа и славските колачи од кумовите за овој празник.

 

Денеска Митровден се празнуваше и во црквата посветена на великомаченик Св. Димитриј  во село Мрежичко. Таму под покровителство на компанијата „Кожувчанка“ се одржа голем народен собир на кој присуствуваа голем број верници од Тиквешијата.

Празникот  Митровден се празнува на 8 ноември според новиот (или на 26 октомври според стариот) календар.  Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна поговорка: „Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден”.

 

Насекаде во Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, полјаци, протуѓери, овчари, козари, свињари и тн., но и селски старешини одборници, коџобаџии и тн., договор што важел до Ѓурѓовден или до следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, им се исплаќала ругата (заработувачката) и се правел пазар за наредниот период.

Во некои места на Македонија, Митровден е домашен празник, се чекаат гости, се месат лебови, се коле курбан или се одржуваат панаѓури. Во Разлошко, како што е запишано во зборникот на браќата Молерови, Митровден бил празнуван со собор како ѓурѓовденскиот на врвот „Свети Мит’р“ среде Пирин. Таму имало „тројалиште“ заобиколено со дванаесет даба во спомен на 12-те апостоли. Интересно е што во околината никаде немало даб. Во последно време поради тоа што времето во овој период на годината е студено со дожд и снег и овој собор е изоставен.

 

Со Митровден се поврзани и повеќе верувања. Марко Цепенков забележал дека „како што ќе биди дено на Митроен топол, студен и ер како да биди, таквие ќе биле четириесетте дни по Митроен”. На друго место Цепенков запишал дека „на новина ако биди Митроен, тешка зима ќе имало”.

Ангел Данов



Share

Додади коментар