Интензивно се бере винското грозје во тиквешко
18-09-2015 РЕГИОН

Гроздоберот во Тиквешијата е интензивиран. Убавото време го користат производителите на грозје да го соберат родот од лозјата. Според проценките на „Агротиквешија“ вранецот досега е обран околу 70 отсто, но сеуште има голема количина бидејќи годинава родот е одличен.

Државниот инспектрат за земјоделство е постојано на терен и го контролира откупот на грозје. Како што изјави минатата недела во Кавадарци директорот на ова инспекциско тело, Румен Стаменов толеранција нема да има за никој што се обидува да ја сруши договорената цена за откуп.

- Имаме откупни компании кои го користат начинот на плаќање со цел да ја намалат цената на грозјето и ветуваат дека ќе им платат на земјоделците за два до три дена и ја намалуваат цената на шеќерните единици. Тоа е спротивно на Законот за вино, кој јасно кажува дека цената објавена на почетокот на винската година, која е договорена за оваа година помеѓу производителите и откупувачите и објавена како официјална во сите откупни пунктови - 0,68 денари за сорта „вранец“ и 0,64 денари за сорта „смедеревка“ по шеќерна единица, не смее да биде намалена во текот на винската година, се до август следната година. Може да ја зголемуваат, меѓутоа не смее да се намалува, изјави вчера Стаменов по посетата на Лозово.

Тој прецизира дека завчера во Кавадарци Инспекторатот затворил едно откупно место поради намалување на цената на шеќерните единици

- Сега веќе стапуваме во извршни дејствија по издадените решенија така што сите оние кои ќе ја намалуваат шеќерната единица, односно цената на грозјето веднаш ќе бидат затворени од страна на Државниот инспекторат додека не ги усогласат пазарните стандарди со законот. Засега само во Кавадарци е затворено едно место, а на терен се 24 инспектори кои вршат контрола во сите винарски визби. Доколку се појави уште некој што не ги почитува одредбите од законот ќе преземеме санкции и таму, прецизира Стаменов.

 

Ангел Данов



Share

Додади коментар