Донација од Еуроникел Индустри за Општата болница во Кавадарци
12-08-2020 РЕГИОН

(Кавадарци, 12.08.2020) – Еуроникел Индустри за Општата болница во Кавадарци донираше пет медицински апарати: дефибрилатор, ЕКГ апарат, инфузомат, аспиратор и дигитален пулсоксиметар со монитор. Целта на донација е подобрување на здравствените услуги и зголемување на капацитетите на општата болница со функционална опрема за што поквалитетна нега на пациентите.

 

“Едно од начелата според кое функционира нашата компанијата е да бидеме активен учесник во подобрување на квалитетот на животот во заедницата од која сме дел, да дадеме свој придонес и да излеземе во пресрет на потребите на граѓаните. Затоа, во период кога здравствените институции се соочуваат со дополнителни проблеми и недостатоци заради здравствената криза, а истовремено подеднакво е важно пациентите да ја добијат потребната нега и за другите здравствени услуги, нашата помош ја насочивме кон здравствениот сектор и снабдување со медицинска апаратура на Општата болница во Кавадарци. Веруваме дека ова е значаен придонес кон функционирањето и зајакнувањето на локалните болнички капацитети”, изјави Герасим Кујунџиев, директор на Еуроникел индустри.

 

Од Општата болница Кавадарци велат дека е направен избор на апарати што се најпотребни и неопходни во овозможување брза, навремена и ефективна медицинска нега.

 

„Голема благодарност до компанијата Еуроникел Индустри која ја овозможи оваа донација, покажувајќи свесност и ангажиран однос кон потребите на здравствената установа, а со тоа и кон граѓаните од Кавадарци и околните населени места. Донацијата е наменета за новиот женски оддел за интерни болести, каде веднаш ќе биде ставена во функција и ќе овозможи стручно и квалитетно лекување на пациентите кои ќе бидат сместени на овој оддел”, рече директорот на ЈЗУ Општа Болница, Кавадарци, Д-р. Диме Коцев - се вели во соопштението од Еуроникел.

 

 

 

 



Share

Додади коментар