До крајот на годината Дрекслмаер ќе вработува 4500 лица
18-03-2014 РЕГИОН

Дрекслмаер е стратешка инвестиција во земјава и во оваа фабрика се вработуваат околу 4000 луѓе не само од Кавадарци туку и од соседните населени места. Веќе следната недела ќе се вработат и првите 200 лица од Прилеп, рече денеска заменик претседателот на владата задолжен за економски прашања Владимир Пешевски, при посетата на фабриката,  заедно со министерот за привлекување на странски инвестиции Веле Самак и директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Тие се запознаа со тековните и понатамошните инвестициски планови на компанијата. На средбата со високи претставници на компанијата предводени од Карл Валнер, член на одборот на директори на групацијата, беше  искажано  задоволство од деловното опкружување и позитивната бизнис клима за водење бизнис во Македонија.

„Се надеваме дека и тие се задоволни од нас, како што сме задоволни и ние од тоа што работат за нас. Добиваме огромна поддршка од политичките институции, од Царината од ТИРЗ и од сите вас и сме благодарни што ве имаме вас како помош и за тоа што не повикавте да дојдеме тука и што дојдовме во Македонија“ рече Валнер.

„Фабриката на Дрекслмаер во Кавадарци е најголемата и највредна инвестиција во државата која вкупно чини 50 милиони евра, во објекти и опрема. Дрекслмаер инвестираше 35 а останатите сретства се на локални добавувачи“, рече Пешевски.

Министерот Самак нагласи дека оваа германска фабрика е од стратешко значење. Изградена е на површина од 50 илјади метри квадратни.

„ Од оваа фабрика директно на германскиот пазар се доставуваат делови за новата мерцедес Ц- клаца“ рече Самак.

Самото присуство на Дрексмајер, како и на Кромберг и Шуберт во земјава успеа да ја привлече туниската компанија Кофикаб, која е директен доставувач на овие компании, да инвестира 10 милиони евра и во текот на 2014 година да изгради капацитети за екструзија на кабли одма до фабриката во Кавадарци.Агенцијата за вработување директно соработува со оваа германска компанија. Како што нагласи директорот Влатко Поповски се трудат да го изнајдат најсоодветниот кадар за фабриката.

Ангел Данов



Share

Додади коментар