T`k так фест по трет пат во Кавадарци
21-08-2014 КУЛТУРА

Се е подготвено за третото издание на “Т`к так фест“ што годинава ќе се одржи на 30 август на  градскиот базен од 21 часот во Кавадарци. Организаторите годинава подготвија програма со интересни  и звучни имиња, шоумени и врвни музичари.

„Еден од најдобрите македонски поп-рок бендови на сите времиња, големите „Нокаут“, заедно со Сашко Коцев, новинарскиот рок состав „Репортерс“, минатогодишните победници, бендот „Ептен“, младите кавадаречки рок надежи „Џоа бенд“, како и DJ Freak i DJ Lako ќе бидат дел од ревијалната програма на третото издание на „Т’к Так Фест“ рече Марко Матиев од организациониот одбор на Т`к так фест и нагласува дека  годинава ќе се  промовира исклучиво македонска музика, ќе се  промовираат  млади бендови, што беше и една од животните мисии на патронот на фестивалот, Трајко Каров.

„Нокаут“ се „Нокаут“, едни и единствени, за прв пат во Кавадарци ќе ги слушнеме и „Репортерс“, новинарската екипа во која членуваат славните Жарко Димитриовски, Борјан Јовановски, Петрит Сарачини (Амон Мра), Драган Антоновски, Стојан Трпчевски и Миле Бошњаковски, а свој концерт ќе имаат и минатогодишните победници, бендот „Ептен“. Премиерно во Кавадарци со 45 минутно стенд ап шоу ќе настапи еден од најдобрите актери во последните неколку години во Македонија, Сашко Коцев. Нема да изостанат и „хероите“ од кавадаречката сцена, па така годинава ќе ги видиме младите рок надежи, „Џоа бенд“ и најдоброто од кавадаречката клупска сцена, DJ Freak и DJ Lako“ – нагласува  Матиев.

Покрај ревијалниот, традиционално и оваа година фестивалот ќе има натпреварувачки дел на кој демо бендовите од Македонија покрај за Гран При наградата Трајко Каров која е во вредност од 30000 денари, а се доделува на најдобриот тапанар, ќе имаат можност да добијат ексклузивна можност за соработка со Гени Каревски, Зоран Алексиќ и Јордан Манов.

Додади коментар