Oдбележани 107 години од Тиквешкото востание
19-06-2020 РЕГИОН

Делегации од советот на општина Кавадарци, локалната самоуправа,  политички партии, сојузот на борци и претставници на општествено политичкиот живот на Кавадарци денеска положија цвеќе на споменикот кој е подигнат во чест на жртвите од Тиквешкото востание. 

На денешен ден, 19 јуни 1913 година (пред 107 години), започна Тиквешкото востание како израз на револт против насилствата, теророт, убиствата и силувањата што ги извршија српските воено-административни власти врз населението во Тиквешијата во време на интерегрумот помеѓу Првата и Втора балканска војна - потсетува историчарот Петре Камчевски. 

 

Востанието започнало со пукање врз чиновниците, офицерите, жандармите и другите претставници на српската власт во Кавадарци. За кратко време биле ослободени Кавадарци, Неготино, Ваташа, Криволак и уште педесетина населени места во Тиквеш. Востаниците имале свој штаб кој го сочинувале војводи и револуционери од времето на Илинденското востание. На востаниците им пристапиле и четите на Васил Чакаларов, Петар Чаулев, Милан Ѓурлуков, Христо Чернопеев, Ѓакон Евсатиј и други и нивниот број изнесувал повеќе од 1000 борци. Во Кавадарци било симнато српското знаме и било поставено Револуционерното тиквешко знаме од 1903 година на кое пишувало „Слобода или смрт“, а под него „Тиквешки револуционерен округ“.

 

видео од денешното одбележување 

 

По 7 дена, на 25 јуни голема српска војска предводена од Василие Трбиќ, а во чиј сосстав имало и неколку башибозучки дружини како на Јаја Ага Малиќ, Јован Долгачот, Јован Бабунски и други, успеале по големи борби да ги потиснат востаниците од Кавадарци, Неготино, Ваташа, а овие заедно со голем збег од народ морале да се повлечат кон селата под планината Кожув. Српските воени власти жестоко се справиле со населението, биле убиени 545 луѓе според извештајот на Карнегиевата комисија, 1000 куќи и дуќани биле запалени, 2700 луѓе биле затворени, а повеќе од 10000 биле приморани да ги напуштат своите домови и да емигрираат во Бугарија. Најмногу жртви имало во Неготино-117, Бохула-44, Ваташа-37, Кавадарци-25, Прждево 35 итн.

 

Тиквешкото востание и последиците од него претставуваат најголемиот злостор врз народот од овој крај во поновата историја на овој крај. Како последица на овој настан за неколку дена убиени се повеќе луѓе отколку за време на Втората светска војна во целата Тиквешија - потсетува Камчевски. 



Додади коментар