79 ГОДИНИ СЛОБОДНО КАВАДАРЦИ
07-09-2023 РЕГИОН

Делегации предводени од градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, општинската администрација, претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов, советници, пратеници, претставници на армијата, на здружението на борци Кавадарци, и останати претставници на општествено-политичкиот живот денеска положија цвеќе на споменикот на револуцијата по повод 79 години од ослободувањето.

 

На 2 септември 1944 година Деветтата македонска бригада под водство на командантот Најдо Стаменин - Орлов извршила успешна акција во селото Крњево, напаѓајќи го бугарскиот гарнизон со 1.350 војници. Оваа бригада дејствувала во Тиквешијата на комуникацијата Велес – Гевгелија. Главна цел на бригадата било ослободувањето на Кавадарци. Покрај постоечките три баталјони, бил формиран уште еден четврти, па така организирана и вооружена бригадата на 6 септември 1944 година се упатила кон Кавадарци. Членовите на НОО од Ваташа, пред влезот во селото ја пречекале бригадата на која и подариле црвено македонско знаме, изработено од младинките од Ваташа.

 

Во попладневните часови бригадата пристигнала во Кавадарци. На борците од бригадата која скоро без борба го освоила градот и бил организиран свечен ручек, на кој населението се здружило со борците од бригадата. Командантот на бригадата одржал смотра, а бил одржан и митинг. Пред насобраните граѓани со пригодни зборови се обратил политичкиот комесар на бригадата Ристо Стојанов - Железни, а по него говорел командантот Најдо Стаменин-Орлов, кој зборувал за успесите на народно-ослободителната војска, како и жртвите што таа ги даде за ослободување на нашата земја. По одржаниот митинг со почесен плотун им е оддадена почест на сите загинати борци од овој крај. Можност да се приклучат кон НО војска им била дадена на бугарските војници кои биле стационирани во касарните во Кавадарци, а со тоа и заеднички во иднина да се борат против германските фашисти. Бугарските војници не се согласиле со овој предлог, по што со воена придружба биле упатени кон бугарската граница.

 

По четиригодишна окупација на денешен ден, 7 Септември 1944 година, Кавадарци бил конечно ослободен. Во текот на војната загинаа 333 борци и жртви на фашистичкиот терор од Општина Кавадарци, а тројца од нив се прогласени за народни херои.

Вечна слава на загинатите борци!

 

 

 

 

 

 

 

 

 



Share

Додади коментар