31 седница на советот на општина Кавадарци
12-06-2015 РЕГИОН

Проширувањето на локалниот пат с.Бохула-с.Крњево и проектот за изработка на урбанистички планови советот на општина Кавадарци на денешната 31 седница ги одреди за приоритетни проекти.  Едногласно беа усвоени одлуките и се даде согласност за намената на инвестицијата.

Раководителот на секторот за локален економски развој даде образложение на проектите со кои општина Кавадарци аплицира по јавниот повик за користење на средства од програмата за финансиска подршка на руралниот развој за 2105 година, мерка 321. Проектот за реконструкција и проширување на патот Бохула-Крњево тежи околу 20 милиони денари. Опфаќа 4,5 км должина и 5,5 м широчина.

Советникот Ташо Радњански праша дали е подготвен проект за патот до селото Дисан или поконкретно до месноста Белград од каде секоја година лозарите береле околу 20 милиони килограми квалитетно грозје.

Градоначалникот Александар Панов одговори дека тој проект бил подготвен, а ќе се подготви и проект за поврзување на селата Сопот и Рибарци, со што ќе се направи уште еден влез во Кавадарци.

“При аплицирањето предност имаат проектите за патни правци кои поврзуваат две села, а патот за до селото Дисан поврзува две општини, Кавадарци со Неготино“ рече Панов.

Едногласно советот донесе и одлука за отпис на казнена камата пресметана по основ на задоцнето плаќање на достасани обврски по кредит од Фондацијата за подршка на мали бизниси.

Советот даде едногласа подршка на одлуката за да се издвојат 1,5 милион денари за набавка на контејнери за домување во кои ќе се сместат осум ромски семејства од дивата ромска населба „Тенеќе маало“ во Кавадарци. Исто така градежниот и комуналниот инспектор добија задолжување да постапат согласно своите овластувања за да се дислоцираат диво населените роми во населбата. За поздравување е единството на советот по однос на ова горливо прашање.

„Максимално сме посветени на решавање на проблемот на кој се жалат жителите кои живеат во близина на дивата ромска населба. Апелирам до ромското население кое го узурпираше тој простор околу улиците „Димката Ангелов Габерот“’, “Видео Смилевски“ и „Нако Лазовски“ во рок од еден месец да се дислоцираат. На тој простор по барање на оштетени граѓани ќе патролира полицијата. Откако ќе се ослободи тоа узурпирано земјиште  ќе ни биде потребно за идни комунално-урбанистички активности“ рече градоначалникот Александар Панов.

Ангел Данов

Додади коментар