15-та седница на советот на општина Кавадарци
30-04-2014 РЕГИОН

Советниците од СДСМ во кавадаречкиот совет денеска на петнаесетата седница на советот гласаа против извештаите за реализација на програмите за уредување на градежно земјиште и за реконструкција и одржување на локалните патишта во општината за минатата година. Во нивните дискусии напоменаа дека процентот на сработено не бил реален со тоа што било реализирано на терен.

„Уште во 2013 година ја намаливме програмата за 70%, а во извештајот има прикажано нереално високи проценти на реалицација на програмата“ забележа советникот Горан Белевски и праша кога ќе се асфалтирале улиците „Праведничка“. „Диме Поцев“, „Бигла“, кога ќе се санирале ударните дупки  и дали за проектите што почнале да се реализират пред избори општината имала обезбедено финансиска конструкција.

Градоначалникот Александар Панов на опозициските забелешки за нереално високи проценти од комуналната изградба рече дека била направена техничка грешка која ќе била корегирана, а во делот на крпењето на ударните дупки нагласи дека работите се пролонгирани поради лошите временски услови.

„Дел од „Праведничка“ ќе се асфалтира годинава, а дел догодина, а за наредната година улицата „Блажо Алексов“ ќе ни биде приоритет“ рече Панов

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев рече дека процентите требало да се тргнат настрана, а да се гледале резултатите од сработеното, бидејќи биле направени многу улици, а и во наредниот период ќе продолжело да се реализира ветеното пред граѓаните.

Советниците денеска ја утврдија потребата од донесување на нова урбанистичко планска документација за објекти надвор од плански опфат.

Извештајот за работењето на ЈП Комуналец за минатата година исто така беше критикуван од опозицијата. Советникот Горан Белевски го критикуваше начините на кои се прибирале приходите. Обвини дека се утужувале граѓаните за стари долгови, им се пресметувале камати, а како резултат на тоа претпријатието имало добивка од 820 илјади евра. Овие пари според Белевски требало да се искористат за бенефит на сите граѓани, препорача да се обезбеделе канти за смет и да се реконструирала водоводната линија во селото Сопот. Го праша градоначалникот дали ќе биде доставена предлог одлука за ослободување на социјалните случаи од плаќање на сметки за вода и дали се планира поевтинување на водата за пиење и износот на смет.

Диртекторот на ЈП Комуналец Илија Атанасов својата дискусија ја започна со препорака дека советниците требало да искажат благодарност што конечно во Кавадарци бил решен деценискиот проблем со водоснабдувањето, а сето тоа укажувало на домаќинско и наменско трошење на парите на граѓаните.

Атанасов потенцира дека Комуналец завршил со утужување на граѓаните за застарени долгови уште во 2011 година и тоа во моментов не се вршело.

„Една од јаките страни на ова локална самоуправа е ЈП Комуналец. Проблемот со водоснабдувањето го решивме со сопственисредства и во мрежата интервениравме и за наредните генерации. Имаме за десет пати помалку интервенции на дефекти во водоводната мрежа и она што е најважно немаме рестрикци. Комуналец застана на нозе“ рече Панов.

На денешната седница на советот едногласно беа усвоени извештајот за работењето на ЈП за стопанисување со спортски објекти„ Јасмин“ и програмата за работа годинава.

Ангел Данов



Додади коментар