(ВИДЕО) Свечено отворена новата градинка во Кавадарци
11-07-2018 РЕГИОН

 

75 дечиња ќе бидат згрижени во новата градинка лоцирана во дворот на Здравствен дом Кавадарци. Денеска беше свечено отворен овој објект кој го носи името „Буба мара“, а во употреба го пуштија министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и директорката на градинката Цанка Добринова.

 

Отворањето на овој објект е големо значење за кавадарчани, бидејќи листата со чекање за прием во градинка се намалува.

 

Министерката Царовска нагласи дека во рамките на својот буџет обезбеди средства од над 1,4 милиони денари за опремување на просторот.

 

„ Сите сме свесни дека во европските земји токму предучилишното образование дава подобар старт во основното и во средното образование и попродуктивни граѓани. Токму затоа јас сум среќна што во Кавадарци имаме можност да отвориме објект кој ќе згрижи 75 деца и ќе обезбеди дополнителни вработувања, рече министерката и се заблагодари на градоначалникот и општината за изградениот објект.

 

 

Царовска најави дека соработката со општините ќе продолжи и во наредниот перод се со цел да се прошируваат капацитетите за згрижување на децата.

 

„Сите заедно ќе бидеме сведоци дека ќе ја постигнеме владината цел, а тоа е зголемување на 50 проценти на опфатот на деца од предучилишно образование. Главната задача која ја имаме наследувајќи еден разнишен систем е да ги зголемиме капацитетите преку изградба и адаптација на објекти. МТСП посветено продолжува да работи на изградба на нови, но и реконструкција и адаптацијата на веќе постоечки објекти со цел да ги подобри условите за згрижување на деца. Обезбедени се 931 вработување во градинките, а до крајот на годината вкупната инвестиција во изградба, опремување и адаптирање ќе биде 71 милион денари.додаде Царовска.

 

Градоначалникот Митко Јанчев се осврна на проблемот со кој се соочува општината околу немањето доволен простор за сите деца да бидат згрижени во градинка, но најави дека општината интензивно ќе работи и во наредниот период на решавање на проблемот.

 

 

„Од самиот почеток наш приоритет е создавање на услови и дополнителен капацитет за сместување на децата од предшколска возраст. Денешното пуштање во употреба ќе значи почеток на надминување на проблемот, Во исто време се работи и на уште неколку проекти за дополнителен капацитет на сместување на уште 250 деца, што значително ќе го намали проблемот“ рече Јанчев и искажа благодарност до министерството за соработката и напорното заедничко дејствување за да се создадат услови за сместување на децата.

 

Директорката Цанка Добринова се заблагодари на донаторите кои помогнаа во опремувањето на внатрешноста на градинката.

 

„Градинката ќе опфати и деца на возраст од три до шест години.Со децата ќе работат три воспитувачки, три негувателки и три лица технички персонал. Објектот ги задоволува потребните услови. Внатрешниот простор опфаќа три занимални и неколку помошни простории“ рече Добринова.

 

Aнгел Данов

 

Додади коментар