(ВИДЕО) Поплавени повеќе подрумски простории во Кавадарци и Ваташа
06-06-2017 РЕГИОН

Со големи штети се соочија повеќе семејства од Кавадарци и Ваташа поради вчерашниот пороен дожд кој паѓаше во попладневните часови. Жители од улицата „Пане Џунов“ во Ваташа денеска побараа помош од нас со цел јавноста да дознае за проблемот со кој се соочуваат од поодамна, а вчера се соочиле и со штети поради влез на вода од канализацијата во нивните подрумски простории.

 

Ѓорѓи Атанасов живее на улицата „Пане Џунов“ бр.28 во Ваташа. За само пет минути од врнежите неговите подрумски простории се наполниле со вода од канализационата мрежа. Има поголеми штети на електричен алат и други уреди кои биле во подрумот.

 

 

„ За само пет минути откако почна да врне вода од канализацијата го  наполни подрумот. Сам се справував за да не навлезе водата и во домот. Водата имаше скок до терасата. Подрумот се наполни 50 см. Вода. Цел ден и денеска ги чекаме од Кумуналец иако пријавивме по втор пат не дојде никој да интервенира. Само утринава дојде цистерна да ја пробијат канализацијата која ние ја исчистивме. Тие не знаат ни каде им се наоѓаат шахтите. Ние вчера откако престана сами ја откривме шахтата и ја чистевме“ се пожали пред нашата камера Атанасов.

 

 

Тој рече дека и пред десетина дена исто така вода од канализацијата влегла во подрумските простории но во помал обем. Барал помош од Комуналец, но оттаму немало интервенција. Атанасов најави дека обесштетување ќе бара и на суд.

 

Поплавен е и подрумот на Јован Стојанов на улица „Пане Џунов“. Истата канализација ги поплавила и неговите подрумски простории од каде денеска се ширеше неподнослива миризба.

 

Атанасов и Стојанов стравуваат дека поради најавите за нови поројни врнежи денеска и во наредните денови нивните подруми може повторно да бидат поплавени.

 

„Канализацијата била затната и затоа водата изби во мојот подрум. За пет минути се наполни 30-40см. Синоќа ѕвоневме во Комуналец, но немаше никој дежурен. Чуварот ни кажа денеска да сме барале помош“ изјави Стојанов.

 

Со исти проблеми се соочиле и дел од жителите на улицата „Јован Планински“. Жителите кажуваат дека поради непостоење на атмосферска канализација при секој и најмал пороен дожд се полнат нивните подруми. Се жалеле  за овој проблем во општината, но сеуште проблемот им бил присутен.

 

Реагираа и од улицата „Калница“ во Ваташа. И таму големата количина на атмосферска вода им причинила штети во подрумските простории.

 

Aнгел Данов

 

Додади коментар