(ВИДЕО) Започна едукацијата на средношколци од Кавадарци за медиумска писменост
14-11-2018 РЕГИОН

 

 

Ученици од гимназијата „Добри Даскалов“ кои се вклучени во проектот „Читај меѓу редови“ на Фондацијата „Фокус“ од Велес од денеска се едуцираат за медиумска писменост. Тие имаат можност преку овој проект да стекнат знаење како да ги препознаваат лажните вести кои денеска се почесто се пласираат низ социјалните мрежи.

 

-         Гледам дека меѓу средношколците има интерес да научат, а тоа е добро. Основата им е релативно слаба, меѓутоа факт е дека младите од овие генерации не гледаат вести. Поинтересни им се содржините кои се споделуваат на фејсбук и другите социјални медиуми. И затоа овие работилници се токму тоа. Да им покажеме што треба да знаат, која е лажна вест која е вистинска, како да ја направат разликата. Гледам дека размислуваат логички низ вежбите кои им ги давав. Ако вака се работи, може да создадеме во една идна генерација луѓе со критичка мисла, луѓе кои ќе ги распознаваат информациите, рече новинарот Саше Димовски.

 

 

Проектот го реализира фондацијата „Фокус“ од Велес, а медиумски партнер на истиот е регионалната КТВ телевизија. Координаторот, Даниела Саздова е задоволна од големиот интерес кај средношколците за стекнување на медиумска писменост.

 

-         Фондација Фокус денеска одржа промоција на проектот „Читај меѓу редови“. Следуваше првиот средношколски форум, во кој беа вклучени ученици од гимназијата „Добри Даскалов“. Учениците искрено, пројавија голем интерес на оваа тема, медиумска писменост и критичко размислување. Го покажаа досегашното искуство низ практичните вежби кои им ги покажа новинарот Сашко Димовски. Нивното искуство е мало но се надевам дека со следните едукативни работилници ќе го подигнеме нивното знаење за да прават разлика меѓу дезинформација и вистинска вест и секако да го подигнеме нивното критичко размислување- рече Саздова.

 

Во наредниот период учениците кои се вклучени во проектот ќе работат на подготовка на новинарски прилози кои ќе бидат емитувани во рамки на дневно информативната програма Вести на КТВ.


А.Д

Додади коментар