(ВИДЕО) Амбасадорот на Франција во посета на општина Градско
18-03-2019 РЕГИОН

 

Францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние денеска ја имаше првата официјалн а работна посета на општина Градско. Околу еден час разговараа со градоначалникот на општината, Роберт Бешовски за можната соработка во повеќе области, а воедно амбасадорот денеска ја имаше можноста да се запознае со општествено политичкиот и културниот живот на оваа општина.

 

„ Очекувам оваа наша средба да отвори можност за подолгорочна соработка, како на економски така и на културен план и воедно да се отвори простор за реализација на проекти значајни за општина Градско“ изјави Бешовски по средбата со амбасадорот и информира дека Тимоние ќе оствари средба и со првите луѓе на двете најголеми политички партии во Градско, ќе ја посети и паралелката која изучува француски јазик во ООУ „Даме Груев“ и манастирот Свети Архангел Михаил.

 

Амбасадорот искажа задоволство од можноста да се запознае и со оваа македонска општина и најави можност за идна соработка особено во делот на земјоделството.

 

 

„ Навистина градоначалникот се обидува да ја подготви општината за европски хоризонт. Односно општината се подготвува преку инвестиции и преку образованието, а изучувањето на францускиот јазик е подготовка кон таа европска утрешна иднина, а познавањето на францускиот јазик претставува значаен пасош за ЕУ“ рече Тимоние, а се осврна и на идната соработка.

 

Бидејќи станува збор за земјоделски крај, а и Франција е земјоделска земја амбасадорот очекува соработка во областа на земјоделството и рамномерен развој.

 

„Општините и сите градови се соочуваме со истите предизвици, и Европа се соочува со предизвици кои ги носат климатските промени и затоа е многу важно да се разговара со градоначалниците и сите жители бидејќи само така се подготвува утрешнината и иднината и само така ќе се надминат тие предизвици“ нагласи францускиот амбасадор.

 

А.Данов

Додади коментар