„НЕ СИ ФРАЕР АКО ЗАГИНЕШ НА МАТУРСКА ВЕЧЕР“
15-05-2018 РЕГИОН

 

Деновиве матурантите ќе ги одржат своите матурски прослави, со што симболично зачекоруваат во светот на возрасните. Матурските прослави се моменти кога матурантите се опуштаат, се забавуваат и често прекумерно консумираат алкохол и управуваат моторни возила под дејство на алкохол. Ваквите појави секоја година се случуваат и за жал полициските билтени се полни со информации за настрадани матуранти во сообраќајни незгоди.

 

Поради тоа полициски службеници од одделението за превенција во кавадаречката полиција секоја година пред матурските прослави се дружат со матурантите со цел да им укажат на опасностите кои можат да се случат доколку возат автомобили во алкохолизирана состојба.

 

Првата средба беше со ученици од гимназијата „Добри Даскалов“, вчера со матурантите од СОУ „Ќиро Спанџов Брко“ и денеска со матурантите од СОЗШУ „Ѓорче Петров“.

 

Пораките кои беа испратени се однесуваат на безбедни матурски прослави, бидејќи овие прослави треба да се паметат само по убави и среќни работи.

 

„Не си фраер ако загинеш на матурска вечер“ е главната порака со која се апелира на внимателно и одговорно однесување, бидејќи животот на овие млади луѓе треба да продолжи и после славењето на полнолетство.

 

 

Матурантите не треба да заборават дека законските прописи во земјава санкционираат несовесно однесување. Така на пример доколку го нарушуваат јавниот ред и мир со фрлање на чаши и шишиња на јавни места и со тоа ги вознемируваат граѓаните ќе платат глоба од 100 до 400 евра во денарска против вредност. Законодавецот пропишал казна од 300 евра доколку возач управува возило без важечка лична карта или пак глоба од 400 евра може да заработи возач почетник, кој управува моторно возило од 23 до 05 часот без присуство на лице-возач постаро од 25 години.

 

Нека и годинава матурските прослави бидат забави кои долго ќе ги паметат матурантите, а на нив ќе се забавуваат одговорно и разумно.

 

A.Д

Додади коментар