„Напредни лозари“ - Нема напредок во барањата за повисока цена за грозјето
08-08-2018 РЕГИОН

 

Регионалното здружение „Напредни лозари“ од Кавадарци ги известува лозарите во Тиквешкиот Регион за состојбите со лозарството.

Писменото обраќање од здружението го пренесуваме во целост...

 

 

(интегрален текст)     Повеќе пати се имаме обратено до ресорното МЗШВ и Владата на РМ со цел помош и соработка во надминување на лошите состојби во лозарството и производство на трпезно и винско грозје. Од нашите барања не е исполнето ништо останаа само ветувања дека ќе се направи се за да се подобрат состојбите. Состојбите уште повеќе се влошуваат.

 

   Отпочна бербата на раните вински сорти на грозје, а цените под кои ќе се откупува грозјето не се познати иако тоа е законска обврска. На нашата иницијатива да се зголемат цените на грозјето за да може лозарите рентабилно да произведуваат грозје се оглушија винарските визби и Владата на РМ која треба да обезбеди услови за пазарно стопанство.

 

Досега само сме манипулирани од винарите и Владата со цел да се добие во време и на крај лозарите бидат ставени пред свршен чин и уценети да мораат да го даваат грозјето зашто ќе остане во нивите. Лозарите ќе мора да изберат да направат помала загуба и го предадат грозјето по ниски цени. Така работејќи со загуба лозарите си ги трошат вложените средства во подигање на лозовите насади и на крај ќе останат без ништо. Од друга страна винариите се развиваат во своите технологии и се повеќе продаваат флаширано вино. Лозарите сакаат да се развиваат винариите но тоа да го прават не на штета на лозарите. Нашите винарии земаат грозје по многу ниски цени. Како може цената на грозјето во соседството да биде двапати повисока од нашата. Многу порано навремено се обративме до Владата со барање за обезбедување на услови за пазарно стопанство со цел изедначување на условите за земјоделско производство како во ЕУ, цените на заштитните средства и грозјето да бидат исти како во ЕУ .

 

     Регионалното Здружението НАПРЕДНИ ЛОЗАРИ Кавадарци бара од Владата, надлежните министерства и институците на Република Македонија создавање на исти пазарни услови за производство и продажба на грозје како во соседството и Европската Унија.

 

Лозарите во Република Македонија купуваат најскапи заштитни средста, а продаваат најевтино грозје во Европа. Средствата за заштита на лозјата од болести во Република Македонија се продаваат неколкукратно поскапо од соседството и државите на Европската Унија. Од друга страна пак грозјето во Република Македонија се откупува по неколкукратно пониски цени. Република Македонија како да е од друга планета за да има ваков дизбаланс во цените на репроматеријалите за производство на грозје и цените на произведеното грозје. Во Република Македонија во овој амбиент на пазарот лозарите се двојно оштетени еднаш при купување на репроматеријали и вторпат при продажба на производството. Заради немање пазарен амбиент имаме сиромашни лозари и богати поединци. Со вакви пазарни услови лозарите живеат во сиромаштија и неможат да ги обновуваат и зголемуваат лозовите насади, а тоа ќе доведе до изумирање на лозарството. Со изумирање на лозарството многу ќе изгубат лозарите и Република Македонија, а особено Тиквешкиот регион кој е познат по грозјето и виното на Балканот, Европа и пошироко.

 

   За надминување на овие проблеми треба да се создаде пазарен амбиент компатибилен со пазарите на Европската Унија и пошироко. За обезбедување на подобри пазарни услови Владата може да направи многу. Владата на Република Македонија како директна помош дава многу средства за помош на земјоделското производство. Со средствата што треба да ги добијат земјоделците како помош од Владата, да се организира истите средства да можат да бидат како гаранција при купување заштитни средства. На ваков начин ќе се заинтересираат повеќе фирми, а и заради сигурноста цените значително ќе се намалат. Владата треба исто да обезбеди услови и да помага да произведеното грозје се откупува по пазарни цени како во соседството и земјите од ЕУ. Цените на грозјето во Република Македонија треба да биде иста со цената на грозјето во соседните држави и ЕУ. Ако сите декларативно се залагаме за влез во ЕУ тогаш треба да ствараме амбиент на пазарот ист како во ЕУ. Досега ова не е направено заради интерес на поединци а на штета на лозарите и Република Македонија.

 

Лозарите од Република Македонија се надеваат дека искрено ќе бидат поддржани за општо добро на сите и затоа однапред се заблагодаруваат. - се вели во писменото обраќање од Здружението на лозари „Напредни лозари“ Кавадарци.

Додади коментар