Ќе се едуцираат земјоделците
10-06-2015 РЕГИОН

Квалитетното извршување на агротехничките мерки и заштитата на лозјата и овошките ја наметнаа потребата од едукација на земјоделските производители. За таа цел на последната седница на советот на општина Кавадарци се донесе одлука за обезбедување на финансиски средства  за реализација на проектот “Едукација на земјоделци во областа на лозарството и овоштарството“.

 

Проектот ќе се реализира одум месеци, се до септември годинава. Ќе биде ангажиран експерт кој ќе изготви соодветна програма за обука и едукација. Советувањето на земјоделците ќе се врши двапати месечно. Обуките ќе бидат од теоретска и практична природа и ќе бидат организирани континуирано согласно сезонските потреби за земјоделците.

 

Ваквите едукации за земјоделците се голем чекор напред во осовременувањето на досегашните практики на производителите кои се водеа од сопственото искуство, а не по научните достигнувања, па од тие причини и многу пати се грешеше во заштитата од болести и штетници, за што доказ е и минатогодишниот намален род поради ненавремена и квалитетна заштита од пламеница и пепелница.

Ангел Данов

Додади коментар