Јанчев за Фокус: „Го преземам ВМРО-ДПМНЕ!“
31-07-2020 РЕГИОН

Градоначалникот на Кавадарци од редовите на ВМРО- ДПМНЕ и поранешен потпретседател на партијата, Митко Јанчев, во интервју за „Фокус“ ги открива своите идни планови поврзани со партијата, но и одговара на обвинувањата од страна на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

 

 

Фокус: Христијан Мицкоски обвинува дека најголемиот поткуп на овие избори се случил во Кавадарци, како вие го коментирате тоа?

 

Јанчев: Кавадарци е пристоен, чесен и работлив град, нема никаков поткуп! Ако тој сепак има некакви информации, нека пријави во Обвинителството, но сепак мислам дека се служи со бедни дискредитации директно кон мене, знаејќи дека Општина Кавадарци е еден од најуспешните градови во државата. Отсекогаш Мицкоски сакаше да го има ,,под свое” Кавадарци, тоа е и една од причините зошто ме разреши од потпретседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ, затоа што отсекогаш ме сметаше за конкуренција.

 

Фокус: Дали мислите дека замрзнатиот имот ја оневозможува работата на партијата, како што вели нејзиниот лидер, и уште вели дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е подлежна на корупција од некои центри на моќ?

 

Јанчев: Јас мислам дека замрзнатиот имот е една работа која треба да се истражи комплетно, а функционирањето на партијата е сосема друга работа. Самиот Мицкоски вели дека партијата поради замрзнатиот имот е подлежна на корупција. Би сакал да го прашам, како во предизборието ветуваше правда, а самиот себе, во интервјуто за ТВ Алфа, се обвинува дека е подложен на корупција тој, а со тоа и партијата. Од друга страна, факт е дека ВМРО-ДПМНЕ на четири последователни избори губи. Резултатите се многу слаби бидејќи граѓаните немаат идентификација во Мицкоски и сегашното раководство. Политиките на мојата партија граѓаните не ги препознаваат, од тука се и слабите бројки на изборите. Треба да се движиме напред, да дефинираме јасни политики, со свежи и проевропски идеи за нашата земја, со јасен правец за Европа и НАТО.

 

Фокус: Како е возможно еден градоначалник што бил кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и пред само две и пол години убедливо победил во неговата општина, сега да биде виновен за поразот на ВМРО – ДПМНЕ на овие предвремени парламентарни избори?

 

Јанчев: Уште од самиот почеток на градоначалничкиот мандат моето функционирање не беше позитивно прифатено. Наместо задоволство за напорното работење, секогаш добивав неосновани критики. Можеби непрекинатите изведби на сите проекти, кои впрочем според Мицкоски комуналните изведби претставуваат поткуп, што е смешна причина за пораз, проекти кои го придвижија Кавадарци многу чекори напред, некому му бодат во око, од причина што менаџерски не може да го постигне истото. Наместо да учи од своите грешки, Мицкоски својата неуспешност се обидува да ја сокрие преку критиките упатени кон видливиот успех, кој не е само мој, туку и на Општина Кавадарци.

 

Фокус: Вас ве нарече индиректно, потрошен кадар, зарем не мислите дека е тоа потценувачки, ако се знае дека сте вие еден од најдобрите градоначалници во државата?

 

Јанчев: Ви реков и погоре. Јас водам квалитетен и прогресивен град, граѓаните знаат да препознаат добри политики. Неговото потценување е потврда за неговата неспособност како лидер на најмоќната опозициска партија во Северна Македонија.

 

извор: ФОКУС 



Додади коментар