Хуманитарна помош од Фени индустри за настраданите во поплавите во скопско
20-08-2016 РЕГИОН

Хуманитарна помош со 1500 пакети  храна, исто толку пакети со средства за лична хигиена и дезинфекција и 1000 ќебиња денеска од кругот на фабриката за производство на феро никел, Фени индустри од Кавадарци замина за Скопје како помош за поплавените граѓани. Помошта е испратена во координација со ОО на Црвен Крст Кавадарци.

 

„ Фени индустри“  АД Кавадарци како општествено одговорна компанија, е во можност и ќе донира 1500 пакети со храна, 1500 пакети со средства за лична хигиена и дезинфекција и 1000 ќебиња. Апелираме, до сите граѓани и правни субјекти во државата кои се во можност, а се уште не се приклучиле кон оваа акција да ја покажат својата хуманост на дело, да донираат финансиски средства или пакети со храна, според насоките на Црвен Крст за да им помогнат на нашите сограѓани. Ако се потрудиме сите можеме да придонесеме, тоа ќе биде од голема помош за настраданите“ рече Снеже Брзаков, раководител на администрацијата во „Фени индустри“.

 

Кавадарчани и комапниите од овој крај се меѓу најголемите донатори за настраданите во поплавите кои го погодија скопско на 6 август годинава, вели претседателот на ОО на Црвен Крст Кавадарци, Димитар Каракулев.

 

„Црвениот крст претставува мост меѓу  оние компании и физички лица кои донираат и оние граѓани на кои помошта им е најпотребна. Денеска се наоѓаме во фабриката Фени индустри. Оваа компанија донира една поголема количина, можеби и најголема на ниво на РМ и ние како Црвен Крст Кавадарци навистина сме горди што токму од нашиот крај потекнува една ваква компанија,  која што донира за поплавените и настраданите во скопско. Ова нека претставува уште еден повик до сите останати поголеми компании,  кои се на рангот на Фени, па и до помалите, бидејќи секоја помош, па и најмала е добредојдена да ја покажат својата хуманост на дело и да помогнеме сите заедно на оние на кои помошта им е најпотребна“ рече Каркуелв.

 

Сите хумани граѓани можат да донираат и понатаму. Помошта можат да ја предаваат во просториите на ОО на Црвен Крст Кавадарци.

 

„Просториите на Црвен Крст  се редовно отворени. Досега имаме собрано и пратено поголем камион со 7-8 тони, пакети со храна, облека, флаширана вода за пиење, собрани на пунктот во Црвениот крст и на пунктот на градскиот плоштад. Ова е веќе е втора поголема пратка. Претходно донираа флаширана вода и компаниите „Кожувчанка“ и „Горска“. Заокружено, компаниите од нашиот крај можеби се и на прво место, иако тука нема некој натпревар, меѓутоа сакаме да ги поттикнеме сите останати градови, субјекти во РМ да се приклучат кон собирањето на хуманитарната помош. Иако во понеделник званично завршува собирањто на хуманитарна помош, односно се затвораат телефонските линии, продолжува и понатаму со собирање  помош за настраданите,  која им е потребна во втора или трета фаза од подршката на настраданите“ нагласи претседателот на ОО на Црвен Крст Кавадарци.

 

Каракулев кој е и член на извршниот одбор на Републичкиот Црвен Крст информираше дека биле доставени проектни побарувања за донации до Меѓународната федерација на Црвениот Крст, од каде се бараат 300.000 франци и до австрискиот црвен крст од каде се бара донација од 500.000 евра.

 

Според информациите од претседателот на кавадаречкиот Црвен крст, досега биле собрани над 700 илјади евра од граѓаните кои уплатиле на сметката за помош на настраданите или пак се јавиле на телефонскиот број за донации 143-400. Овие пари наскоро  ќе им  бидат распределени на настраданите граѓани.

 

Aнгел Данов

danovangel@gmail.com 



Додади коментар