Уште еден неизвесен гроздобер пред лозарите: „Напредни лозари“ бараат разумен однос од визбите“
06-08-2019 РЕГИОН

По се изгледа како во изминатите скоро 3 децении, лозарите ги очекува тежок и не изнесен гроздобер. Иако бербата само што не започнала, визбите сеуште тактизираат. Не е позната откупната цена, а неизвесно е и дали ќе се купи целиот род.

Денеска од Здружението „Напредни лозари“ писмено се обратија до јавноста и бараат брза реакција за да не се запише уште еден пропаднат гроздобер.

 

(интегрален текст)  Поради крајно неизвесните и, по лозарите крајно поразителни најави и условувања за откуп на грозјето во оваа година, како здружение кое ги застапува и поддржува интересите на производителите на грозје, почувствувавме потреба јавно да ве известиме и информираме за состојбите со овој наш проглас токму вас лозарите.

 

Воедно им сугерираме и апелираме како на сопствениците на винариите и откупувачите на грозје, така и на надлежните во Министерството за земјоделие и останатие ресори во Владата на РМ, дека, доколку итно и ургентно не се превземат потребните мерки за подобрување на откупните цени на грозјето, на повидок е лозарско – винарска катастрофа во Тиквешијата и пошироко во останатите лозарски региони во државата. Крај на лозарската приказна. Причините и реалните проценки се следните:

 

Изминаа цели 29 години од како лозарите за последен пат се почувствуваа задоволни со откупот на нивниот производ. Поточно, да се потсетиме на 1990 година, кога претседател на владата на тогашната СФРЈ беше Анте Марковиќ. Да се потсетиме во оваа прилика за тоа дека таа веќе далека 1990 година за килограм откупена смедеревка се плаќаа фантастични седум и над седум конвертибилни динари, односно над една германска марка (читај евро). Пандан на таа откупна цена на смедеревката се 60 денешни денари за килограм смедеревка.

 

Од тогаш навака, откупот на грозјето стана најголем проблем за лозаропроизводителите и од година за година овој проблем, за жал, се повеќе нараснува, та во овој момент е дојден до точка на вжештување, точка на вриење, по која точка, доколку не се превземат вистинските чекори проблемот ќе се излие како лава од штотуку еруптиран вулкан, односно, најверојатно ќе резултира со фијаско на лозарската, а со тоа и на винската приказна во Тиквешијата и пошироко во Македонија.

 

Почитувани сограѓани, се работи за цели три децении обезвреднување на нашиот производ. Со еден толку долг континуитет на обезвреднување на цената на грозјето, се удри директно, прво по достоинството а потоа и по голата егзистенција на производителите на грозје. За овие три децении, грозјето, од производ со еден блескаво висок ценовен рејтинг е доведено на дереџе на една мизерно – ефтина сировина за производство на скапи вина.

 

Повторуваме и нагласуваме: МИЗЕРНО-ЕВТИНА СИРОВИНА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СКАПИ ВИНА. Парадоксот е токму тука. Може да се разбере дека од евтина сировина се произведува евтин производ. Може да се сфати и тоа дека од скапа сировина се прави скап производ. Парадоксално и неприродно е од евтина сировина да се прави скап производ. Тука нешто не е во ред. Тука нешто смрди. Ваквата аномалија ги доведе производитрелите на грозје на дереџе на економски и за земјата врзани робови што за последици има губиток на мотивацијата на лозарите за унапредување на лозарството и истата води кон урнисување на лозарството.

 

Од друга страна, сметаме дека оваа аномалија не е случајна туку е намерно, вештачки предизвикана и дотерувана во текот на три децении. Истата преработувачите на грозје и прекупците енормно ги богати а производителите на грозје ги претвара во како што рековме економски зависни робови, поточно робови зависни од земјата, прашината и калта, зависници од милоста на преработувачите и прекупците и на крајот, робови кои не смеат да кренат глава зашто му се заканува гиљотина а со тоа и кршење на рбетот. Ако се продолжи овој тренд, во догледна иднина ќе се измислат начини уште при родување на децата на лозарите да им се отстранува рбетот за да не се има проблеми кога овие безрбетници ќе станат зрели единки. Ете тоа се последиците и аномалиите на парадоксот: МИЗЕРНО-ЕВТИНА СИРОВИНА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СКАПИ ВИНА.

 

Сегашните откупни цени на грозјето во Република Македонија, не се најниски во регионот, НАЈНИСКИ СЕ ВО ЦЕЛ СВЕТ. Со сегашните откупни цени се чини невиден зулум врз производителите на грозје. Цените се апсурдни, ропски, нехумани и под секој издржлив минимум и лишени од секаков па и минимален праг на рентабилност. Претходно спомнатата и намерно создадена аномалија отиде до таму, на лозарите да им се откупува грозјето по цени кои се помали од цената на коштање на производството на тоа грозје. А и еве како:

 

Ако во производството на килограм грозје покрај останатите трошоци, како трошок се вкалкулираат и наплатата на работната рака на сопствениците на лозјата и порастот на цената на работната рака воопшто, оваа година вкупните трошоци за производство на еден килограм смедеревка или вранец, ќе бидат 15 - 20 денари по килограм. Цената се разликува од реон до реон, поради (не)можностите за наводнување, нужниот потребен број на прскања заради заштита и други чинители. Се најавуваат откупни цени од по 11 денари за откупен килограм смедеревка и 13 денари за откупен килограм вранец. Ако на тоа се додадат и субвенциите по хектар од владата тоа ќе значи дека за еден килограм предадено грозје смедеревка, производителот ќе добие вкупно 12 – 13 а за вранецот 14 – 15 денари. Само по себе се наметнува прашањето: Дали е нормално некој да произведува нешто за 15 до 20 денари и да го продава за 12 до 15 денари.

 

Нормално е дека тоа не е нормално. Само по себе се наметнува прашањето: „Зошто лозарот во вакви услови сеуште се занимава со лозарство, зошто не крене раце и едноставно престане да произведува грозје или се преориентира на некоја друга подоходовна култура?“ Постојат повеќе причини за тоа. Еве неколку:

 

Лозјето не е едногодишна култура. Лозарите, кој порано кој подоцна во своите насади, вклучувајќи ги и системите за наводнување имаат инвестирано минимум 1.000,00 евра по декар лозов насад. Во оваа цена не е вкалкулирана купопродажната цена на декар земја во зависност од категоријата на земјата и местоположбата. Тоа се големи пари кои оваа култура треба за неколку години да ги врати а потоа да создава профит. Значи лозовиот насад е прилично голема инвестиција и лозарите имаат инвестирано многу лични средства во него. Доколку не се елиминира аномалијата која цело време ја посочуваме како последица на парадоксот МИЗЕРНО-ЕВТИНА СИРОВИНА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СКАПИ ВИНА, лозарот е во голема загуба по однос на вложените инвестициски средства. Но со пробивањето на рентибилноста се доведува во прашање издржливоста на производителите на грозје воопшто.

 

Соодносот во ценовниот парадокс ги исцрпува и оние малку атоми на издржливост на работ на пропаста а истиот тој сооднос секоја година е во се поголема штета на лозарите. Кога соодносот во ценовниот парадокс ќе го достигне нивото на кое лозарот почнува да трпи дополнителни штети и загуби та истите не можат ни субвенциите од владата да ги покријат, тогаш настанува колапс на производството на грозје и дури и по цена на губење на инвестициите лозарите ќе бидат принудени да ги напуштат лозовите насади, или да ги ископачат односно да ги заменат со некоја друга култура.

 

Смдетаме дека соодносот на производната и откупната цена во ценовниот парадокс веќе ги достигнува или е многу блиску до овие граници и дека е крајно време за елиминирање на овој ценовен парадокс и неговите аномалии;

 

Постарите производители на грозје и оние во средни години сеуште се сеќаваат на убавите денови во лозарството. Кога грозјето беше реално платено, секој чесен лозаропроизводител, со чесна и поштена работа и труд успеваше да дојде до убави пари, да си обезбеди и да си дозволи многу нешта, за кои сега само може да сонува. И сеуште лозарите се надеваат дека еден ден ќе се врати сјајот на одгледувањето на винова лоза. Токму таа надеж е тоа нешто што го спречува да земе и да го ископачи лозјето и да се откаже од оваа земјоделска култура;

 

Еден добар дел пред се средни и мали производители на грозје успеале да се снајдат и на домашниот пазар на грозје. Си обезбедиле сопствени помали и средни товарни превозни средства па пренесуваат како асталско така и винско грозје по пазарите ширум Македонија. Не дека е некој плански откуп и не дека и таму нема проблеми, но како и да е успеале со години да стекнат редовни муштерии по градовите каде луѓето традиционално си оставаат од 200 до 500 кг грозје дома за домашно вино и нешто ракија.

 

Дел од количините на грозје лозарите сами си го преработуваат. Некои се снајдоа па допреа до сопствени мини винарии па произведуваат повеќе традиционално отколку со технологија произведено брендирано вино. Еден исто така прилично добар дел од лозарите се опремиле со опрема за варење ракија и голем дел од грозјето го преработуваат во ракија чија предност е опстојноста, односно како таква е продукт кој може да се чува со години. Нормално дека домашната ракија е присутна во речиси сечиј дом на еден просечен македонски граѓанин, пред се заради тоа што онаа брендираната е далеку поскапа.

 

Ете тоа се неколку работи кои сеуште го држат лозарот да не крени рака на сопствената производна култура – грозјето. Но до кога? Ножот е веќе дојден до коска.

 

Во оваа прилика сакаме да ги повикаме најрелевантните фактори во бизнисот со грозјето и виното, а тоа се сопствениците на големите и средните винарии и поголемите откупувачи на грозје за странки винарии и субјекти да поведат малку сметка дека сегашните откупни цени не уништуваат нас лозаропроизводителите.

 

Им посочуваме дека сме сеуште живи и дека сеуште не сме одлучиле да се претвориме во робови. Ги предупредуваме да не си играат со нашата мака, затоа што кога си играш со туѓа мака треба да очекуваш во играта колку – толку да им биде добро и на тие кои ја имаат маката а не само оние кои си играат со туѓата мака.

 

Доколку не ги обезбедат условите за колку-толку подобри услови на откуп на грозјето самите ќе си ја допресечат веќе отпочнатата со сечење гранка на која самите седат.

 

Нека појдат лично или нека се интересираат и разглеаат малку по соседните земји и региони, по земјите членки и нечленки на европската унија и доколку сретнат пониски откупни цени за грозје од оние кои како сопственици на капацитетите за преработка на грозјето самите ги креираат, со факти нека ни докажат и ние веднаш ќе се откажеме од нашите понатамошни барања.

 

И конечно, секоја цена помала од 25 денари за килограм откупено грозје за најевтината сорта со долна граница на шеќерност од 16 шеќерни единици е понижувачки мала и е своевиден зулум врз маката и трудот на секој лозаропроизводител. За високосортните видови на грозје и за трпезното грозје цената не смее да биде помала од 40 денари по откупен килограм грозје.

 

 

Ценовниот парадокс: МИЗЕРНО-ЕВТИНА СИРОВИНА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СКАПИ ВИНА треба да замине во историјата и ценовниот парадокс да прерасне во ценовен слоган: СКАПА СИРОВИНА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА СКАПИ ВИНА.

 

Вашиот профит нема да изостане, можеби малку ќе се намали, но ќе се спаси од пропаст една многу добра и доходовна култура која може да го подигне стандардот на сите кои живеат во Тиквешијата и пошироко во републиката.

Со надеж дека ќе бидеме сфатени и дека нема да се создадат потреби овие наши барања да се радикализираат, ве поздавуваме и очекуваме РАЗУМЕН КОМПРОМИС.

 

 

Здружение

Напредни лозари

Додади коментар