Со поврзување на земјоделците и откупувачите до сигурен откуп и стабилни цени

 

 

Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство започнува нов проект „Воведување и спроведување на мерките за Заедничко уредување на пазарите“ кој се спроведува во рамките на Инструментот за претпристапната помош (ИПА) на Европската унија 2015. Проектот е во вредност од 700 000 евра и е насочен кон целите и политиките кои се во фокус на МЗШВ за 2019 година.

 

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски во присуство на претставниците од Европската Унија изјави дека земјата посветено работи кон европско-интегративните процеси, и претстојниот скрининг процес го оцени како историски значаен момент за земјата.

 

„Овој проект го гледам како едно силно надополнување во вистинско време заради тоа што се работи за регулирањето на пазарите на овошје и зеленчук како одберени од самиот проект. Ќе имаме целосно поврзување на синџирот од производители до преработувачка индустрија. Ќе има многу активности во текот на годината кои ќе се реализираат преку овој проект чија што главна цел е регулација и хоризонтална и вертикална на пазарите. Убеден сум дека овој проект и целите кои се зацртани ќе дадат соодветен резултат по однос на приоритетните земјоделски култури што се значајни за нас и за нивното целосно производство до преработка и извоз“, изјави Николовски.

 

Преку овој проект Министерството ќе го поддржи и финансира приватниот сектор односно оние кои ќе сакаат да подигнат преработувачки капацитети во делот на решавањето на проблемот со јаболката, или ќе сакаат да направат сушара за сливи или други капацитети кои ќе бидат оценети како приоритетни. Инаку, во Програмата за рурален развој во 2019 година МЗШВ издвои 4 милиони евра кои ќе бидат насочени кон преработувачката индустрија односно на проектите кои се однесуваат на пласманот и на решавање на вишокот со земјоделски производи.

 

Вивре Вимпари, шефот на оперативниот оддел на делегацијата на ЕУ истакна дека со имплементација на овие предлог политики се стабилизира пазарот. Таа додаде дека овој проект ќе го трасира и ќе го покаже патот како да се прилагодат и усогласат стандардите и законите со Европските регулативи.

 

Со проектот ќе се поврзаат земјоделците со откупувачите, и ќе се поттикне договорното производство преку склучување на цврсти договори, со кои земјоделците ќе бидат сигурни во откупот и цените, а откупувачите во производите што им се потребни.  На овој начин ќе се заштити пазарот на земјоделски производи од нарушувања предизвикани од флуктуации на цените и нелојалната конкурентност со која секојдневно се соочуваат земјоделците.

 

 

 

 

 

 

Додади коментар