Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Јанчев ќе го поддржуваме за проекти, не и за личен пазар
15-11-2019 РЕГИОН

„Јанчев секогаш ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за проекти кои се за добро на граѓаните, но во ниту еден момент нема да го поддржиме за негов личен пазар, затоа што нас принципите ни се најважни“ ова меѓу другото беше речено на прес конференција попладнево од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, како образложение за вчерашното напуштање на седницата на советот.

 

(интегрален текст)Почитувани граѓани на Општина Кавадарци.

По случувањата изминатиот ден на седница на советот на општина Кавадарци сакаме да ја информираме јавноста дека како советничка група, предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштивме седницата поради непринципиелното, недемократско и некоректно однесување на мнозинството во Советот, предводено од претседателот на Совет, кога во два наврати ја почна седницата и почна со гласање без наше присуство.

 

Изигрувањето на законите е редовна пракса на СДСМ. Законски и Уставно не смеат да започнат седница надвор од процедурите. СДСМ на секој можен начин за свој личен партиски интерес се обидува да го изигра законот и волјата на граѓаните. Ние како советничката група предводена од ВМРО- ДПМНЕ сме во Советот да ги штитиме интересите на граѓаните, а не пазарите помеѓу политичарите и политичките пазари.

 

Се шпекулира дека одредени позиции во општината се предвидени за одредени личности, како на пример се шпекулира за сопруга на актуелен пратеник, со новата систематизација на локалната самоуправа да биде поставена на раководна функција во еден од секторите. Градоначалникот Јанчев може колку сака да се обидува да го обвинува Советот или ВМРО-ДПМНЕ затоа што им го нарушивме политичкиот пазар со СДСМ и одредени истрошени политичари, но немаме намера да одиме против волјата на граѓаните.

 

Јанчев секогаш ќе ја има поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за проекти кои се за добро на граѓаните, но во ниту еден момент нема да го поддржиме за негов личен пазар, затоа што нас принципите ни се најважни и така ќе остане и во иднина. Советот секогаш ќе биде коректор на градоначалникот и неговите погрешни политики и одлуки и исто така ќе биде поддршка за неговите проекти од корист за граѓаните. Ние не планираме да тргуваме со интересите на граѓаните за политички интереси и сакаме да ги тргнеме рацете на политиката од локалната самоуправа во Кавадарци бидејќи не одат во прилог на граѓаните.

 

Сакаме да им порачаме на граѓаните на Општина Кавадарци да бидат спокојни, бидејќи програмата на ВМРО- ДПМНЕ којашто тие ја гласаа на локалните избори во 2017 год. ќе биде во целост реализирана и дека ќе продолжиме да ги поддржуваме сите проекти коишто се за доброто на граѓаните, но нема да поддржуваме сомнителни одлуки на штета на граѓаните, со цел политички пазар.

Додади коментар