СДСМ на средба со жителите од УЗ „Кула“
08-10-2015 РЕГИОН

Продолжуваат активностите на ОО СДСМ Кавадарци и средбите со граѓаните на кои можат тие да ги искажат своите проблеми и да дадат свои предлози, кои подоцна ќе бидат предложени во новата програма на Социјалдемократскиот Сојуз - ВИЗИЈАТА ЗА МАКЕДОНИЈА.

Пред присутните свое обраќање имаше претседателот на ОО СДСМ, Зоран Ѓорѓиев, а потоа граѓаните поставуваа прашања за актуелни состојби во земјава и општината .

 

Првите прашања беа поврзани со проблемите во лозарството, ниската цена на грозјето, ненавремената исплата и регистрацијата на тракторите. На овие прашања одговараше Митко Керов, одговорен за комисијата за земјоделие на СДСМ Кавадарци, кој потенцира дека сите овие барања биле предложени до Централиот Одбор на СДСМ во Скопје и се очекува сите да биле прифатени и предложени во новата програма на СДСМ. Керов прецизира дека во новата програма на СДСМ ќе биде содржано навремената исплата на грозјето, односно најдоцна за два месеци по откупот, зголемување на цената за 2 денари и регистрација на тракторите наместо секоја година, на пет години.

Од помладите, присутни на собирот, беа поставени прашања за образованието и ниските плати. Беше потенциран ставот на СоцијалДемократскиот Сојуз дека тие се залагале платите да се зголемат, од сегашната минимална која е 9.500, да биде 11.000 денари. Од тоа најмногу бенефит ќе имале вработените во Дрекслермаер.

 

Во делот за образованието, беше најавено укинување на екстерното тестирање кое не донело никакви резултати, туку само дополнително ги оптеретило учениците. За студентите кои прашуваа за студентските домови, беше нагласено дека ќе бидат приоритет реновирање и изградба на целосно нови студентски домови.

Граѓаните прашуваа и за состојбата во здравството и безбедноста во градот. Во делот на здравството говореше доктор Диме Коцев, кој нагласи дека СДСМ ќе се залага за бесплатно здравство, нешто што го има во повеќето европски земји и што ќе било приоритет за наредната влада предводена од СДСМ. Во однос на болницата во Кавадарци тој потенцираше дека таа имала потенцијал за многу операции, за кои сега кавадарчани оделе во Велес и Скопје.

 

Од советниците на СДСМ во кавадаречкиот совет се обрати Зоран Бањански, кој изјави дека сегашната локална власт на ДПМНЕ, немала намера да го реши проблемот со зголемените кражби во Кавадарци. Тој рече дека советничката група на СоцијалДемократскиот Сојуз од Кавадарци, е отворена за прашања, предлози и сугестии од граѓаните, за кои тие лично ќе се заложат да бидат поставени на седниците на Советот.



Додади коментар