Свечена седница на советот на општина Кавадарци: Доделени седмо септемвриските награди
07-09-2018 РЕГИОН
       
 
Советот на општина Кавадарци вечерва одржа свечена седница, по повод 74 години од ослободувањето на градот од фашистичкиот окупатор. Беа доделени седмосептемвриските награди, за особени заслуги во општествениот живот. Според одлуката на Советот, највисокито општинско признание во областа на културата се доделува на Страшо Темков - флејтист, од областа на спортот  на професорот по физичко воспитување Димитар Пецов и од областа на музиката, на Александар Ангелов од групата „Дрим тим“.
 

     -Наградата ” 7 Септември “ се доделува на физички  и на правни лица за остварувања  во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, за посебен придонес за развојот на општината и нејзиниот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот, појаснуваат од Службата за односи со јавноста при локалната самоуправа.

 

 

     На ученици  и студенти, наградата  се доделува за творечки труд или континуирани, успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности.

 

     Наградата за физички и правни лица се состои од диплома и плакета. 

 

     Седницата ја отвори претседателот на Советот Ристо Сакалиев, а пред присутните се обрати и кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев. Тој се наврати на деновите на ослободувањето и за жртвите кои со крв ја платиле слободата, а оставиле аманет за грижа за неа и за Кавадарци. 

 

     -Функцијата градоначалник претставува задоволство, но и обврска кон идните генерации. Наша цел е Кавадарци да биде најубаво место за живеење, рече градоначалникот, осврнувајќи се на досегашните и идните инфраструктурни проекти, но и за проектите за подобрување на животот на разни категории на луѓе. 
 
 
     Јанчев нагласи дека развојот на Кавадарци се зголемува. Додаде дека очекува уште многу придобивки во иднина, а меѓу нив и зголемување на бројот на туристи кои ќе дојдат во оваа општина.
 
 
Светлана Дарудова

Додади коментар