Промовирана Фотомонографијата „Ризница на ликовни дела“
08-09-2018 КУЛТУРА

 

Во рамки на манифестацијата „Тиквешки гроздобер„ , во Музеј галеријата на град Кавадарци беше промовирана Фотомонографијата „Ризница на ликовни дела„ од авторите Весна Ѓорѓиева и Трајче Цветков. Истовремено, присутните можеа и да  погледнат ликовни дела  од повеќе автори, кои се дел од  архивата на кавадаречкиот музеј.

 

            Директорката на Музеј галеријата, Весна Ѓорѓиева информираше дека станува збор за уметнички дела од повеќе еминентни и етаблирани автори.

 

-Дела изработени во разни ликовни техники, од плејада на реномирани врвни ликовни креатори на современата македонска ликовна сцена, звучни и докажани автори како Петар Мазев, Глигор Чемерски, Симон Шемов, Ана Темкова и други, рече Ѓорѓиева.

 

Таа нагласи дека фотомонографијата е прва од ваков вид и во неа се сублимирани сите дела депонирани од формирањето на музејот во 1976 година, до денес. Застапени се 77 автори со 154 дела.

 

            Промоторот Зорица Вчкова, советник за образование во општина Кавадарци, меѓу другото нагласи, дека ова дело го овековечува ликовното минато, од 1943 година до денес.   -Најголем дел од најистакнатите ликовни дејци потекнуваат од Кавадарци, додаде Вчкова. 

 

            Фотомонографијата и изложбата се дел од проект финансиран  од Министерството за култура, а со поддршка   од  кавадаречкиот градоначалник и Советот на општина Кавадарци.

 

С.Д

 

 

Додади коментар