Продолжуваат реконструкциите на улици во Кавадарци
08-11-2019 РЕГИОН

Општина Кавадарци преку ангажираната оператива завршува со асфалтирање на уште една улица од проектот МСИП, поддржан од Светска банка и ЕУ, кој се однесува на реконструкција на главните улици во градот.

 

Денеска завршува ревитализацијата на асфалтот на коловозната лента на улицата „Страшо Пинџур“. Обновен е стариот и дотраен асфалт на делницата од спојот со ул. „Ресавска“ кај „вториот триаголник“ па до ваташката пошта.

 

Со овој зафат општината ревитализира улица од регионален карактер која е главна сообраќајна артерија на Кавадарци во правец север-југ. Преку неа се одвива и целокупниот сообраќај кон селата од подкожувјето каде има значајни стопански капацитети.

 

Општината Кавадарци во рамките на комуналната изградба отстрани уште едно „тесно грло“ од уличната мрежа. Оперативата на ангажираната фирма го реализираше проектот за проширување на крак од ул.„Страшо Пинџур“, кај „Кавадаречи дол“.

 

После проширувањето коловозната лента 2,8 метри се зголеми на 5 метри коловоз, со тротоар. Проширувањето е во должина од 100 метри, на делницата од спојот со главната траса на „Страшо Пинџур“ до спој со улицата „Ѓоре Брушански“.

Општината овој проект го реализира на барање на жителите од овој дел на Кавадарци - информираат од општинската прес служба.

Додади коментар